Во одредбите на правилникот со кој се уредува оваа област е предвидено дека во возилата може да се вградуваат одобрени сигурносни стакла, кои е дозволено дополнително да се затемнат до тој степен што пропустливоста на светлина на стаклото заедно со залепената фолија на него ќе биде најмалку 75 проценти за ветробранското стакло и 70 проценти за предните бочни стакла (кај возачот и совозачот – пред B-носачите)
КОГА КОЗМЕТИКАТА НА АВТОМОБИЛИТЕ
ГО ПРЕКРШУВА ЗАКОНОТ
Сведоци сме дека модерните и естетски дотераните автомобили стануваат сѐ поголем тренд, кои имаат специфични бои, алуминиумски бандажи, силен звук на моторот и затемнети стакла. Таа автомобилска естетика сѐ повеќе е прифатлива кај младите. Тие сакаат да возат нови и ултрамодерни автомобили и со помош на возилото да го привлечат вниманието при учеството во сообраќајот. Но и помеѓу тие што сакаат козметичко дотерување на возилата има такви што успеваат да го прекршат законот, бидејќи ги надминуваат законски дозволените граници на „дотерувањето“ на своето возило до степен на непрепознатливост.
КАЗНИ ЗА 204 „КОЗМЕТИЧАРИ“ ШТО ПРЕТЕРАЛЕ СО КОЗМЕТИКАТА
Низ земјава сѐ почесто се гледаат возила со целосно затемнети стакла и затемнети стоп-светла, од кои не може да се види дали возилото кочи или не. Скопските улици, каде што фреквенцијата на возила сосема очекувано е и најголема, честопати поради така „скоцканите“ возила потсетуваат на оние од добропознатиот серијал „Брзи и бесни“.
Сепак и во тоа естетско дотерување на возилата има граници до каде може да се оди, бидејќи и таа област е регулирана со закон и постојат точно определени правила што сопствениците мора да ги почитуваат.
За жал, тоа естетско дотерување на возилата може да биде една од главните причини поради кои некој може да настрада во сообраќајна незгода.
Затемнети стакла речиси целосно и темни стоп -светла, трепкачи и фарови се најчестите карактеристики на таквите автомобили што се возат низ улиците во земјава, а особено во метрополата.
Иако законски е дозволено таквото естетско средување на возилата да се изврши до одреден степен, сепак голем е бројот на оние што го прекршуваат законот и си ги средуваат возилата така што стаклата им се целосно затемнети.
Од Министерството за внатрешни работи велат дека од страна на полициските службеници задолжени за контрола и регулирање на сообраќајот на патиштата секојдневно се преземаат мерки за возилата што не ги исполнуваат пропишаните услови во согласност со Правилникот за техничките барања за системите, составните делови, самостојните технички единици, опремата, димензиите и вкупните маси и осното оптоварување на возилата.
Вкупно 204 учесници во сообраќајот се казнети во акцијата на Министерството за внатрешни работи спроведена од 1 до 31октомври на територијата на цела држава за неисполнување на пропишаните услови во однос на затемнувањето на стаклата на возилата и неовластено вградување и користење уреди за давање посебни светлосни и звучни знаци во возилата.
Како што информираат од МВР, од изречените, 202 казни се за неисполнување на пропишаните услови во однос на затемнувањето на стаклата и две санкции се за неовластено вградување и користење уреди за давање посебни светлосни и звучни знаци во возилата.
– На сите прекршители им се подготвени соодветни поднесоци. Засилените акциски контроли продолжуваат и во наредните денови. Апелираме до сите учесници во сообраќајот да ги почитуваат сообраќајните правила и прописи и заеднички да придонесеме за побезбедни патишта – информираат од МВР.
ДО КОЈ СТЕПЕН МОЖЕ ЕСТЕТСКИ ДА СЕ ДОТЕРУВА АВТОМОБИЛ
Законската рамка, односно Правилникот за техничките барања на системите, составните делови, самостојните технички единици, опремата, димензиите и вкупните маси и основното оптоварување на возилата, целата тематика околу „козметичкото“ уредување на автомобилите го регулира во петтата глава.
– Во точката два се уредуваат уредите и опремата за нормална видливост. Во одредбите на овој правилник е предвидено дека во возилата се вградуваат одобрени сигурносни стакла што може дополнително да се затемнат до тој степен што пропустливоста на светлина на стаклото заедно со залепената фолија на него ќе биде најмалку 75 проценти за ветробранското стакло и 70 проценти за предните бочни стакла (кај возачот и совозачот – пред B-носачите).
Ограничувањето за ветробранското стакло не се однесува на тесната лента што се поставува на горниот раб на ветробранското стакло, која е наменета за заштита од сонце.
Доколку стаклата на задната страна на возилата се затемнети така што пропуштаат помалку од 30 проценти светлина, тогаш возилото треба да биде опремено со ретровизори на двете страни. Напоменуваме дека е забрането поставување огледални фолии на стаклата на возилата. Одредбите за степенот на затемнување на стаклата на возилата се однесуваат на сите категории возила – информираа од Министерството за внатрешни работи.