Фото: „Нова Македонија“

Статистиката покажува дека ширината на автомобилот расте во просек за еден сантиметар на секои две години. Со зголемувањето на големината доаѓаат проблеми, од влијанието врз животната средина до безбедносните прашања, како и зголемени тешкотии при маневрирање со овие автомобили низ улиците и паркинг-местата резервирани за помали автомобили

Кус осврт на поврзаноста на габаритот на
возилата со безбедноста во патниот сообраќај и животната околина

Автомобили на пазарот има за сечиј вкус. Мали, големи, брзи, сето тоа е од понудата на производителите. Големите возила секогаш асоцирале на раскош и на моќ, па речиси секогаш се прв избор на секој што купува автомобил. Меѓутоа, во последно време овие „ѕверови“ стануваат сѐ поголеми и поголеми, а со тоа добиваат повеќе на популарност, па статистиките покажуваат дека се и најкупувани.

Како автомобилите стануваат сѐ поголеми?

Само колку за пример, „шевролет субрбн“ од 2024 година, теренец со дури девет патници, е долг 5,5 метри и се рекламира како „соба со поглед“. Јужнокорејскиот производител КИА објави целосно електричен кросовер-модел со седум седишта, а електричниот „хамер“ достигна максимална ширина од 2,4 метри.
Статистиката покажува дека ширината на автомобилот расте во просек за еден сантиметар на секои две години. Со зголемувањето на големината доаѓаат проблеми, од влијанието врз животната средина до безбедносните прашања, како и зголемените тешкотии при маневрирање со овие автомобили низ улиците и паркинг-местата резервирани за помали автомобили.
Од крајот на седумдесеттите години на минатиот век, автомобилите почнаа да ја менуваат формата и да растат во големина, како да се надуван балон. Причините се многубројни и сложени, пишува Би-би-си.
Додавањето безбедносни карактеристики, како што се предните и страничните воздушни перничиња, исто така бара повеќе простор. Во исто време, потрошувачите почнаа да бараат повеќе луксуз и егзотика.
И, конечно, автомобилската индустрија го охрабри купувањето пикап-камиони и теренци наместо полесни седан-модели. Причината е што во 1975 година, по нафтената криза и арапското ембарго на нафтата, американскиот Конгрес ги смени регулативите за просечна потрошувачка, така што стандардите за седан-возилата беа заострени, додека тие останаа попустливи за пикапите и теренците.
Регулативите се променети од тогаш, но сепак дозволуваат пониски стандарди за поголеми возила.
Друга причина е што производителите нудеа помали возила за европскиот, јужноамериканскиот и азискиот пазар, додека купувачите во САД и Кина имаа на располагање многу поголеми модели.

И Европејците се префрлија на погабаритни модели

Во меѓувреме исчезнаа и разликите во возилата што се возат во Европа и САД. И додека во Велика Британија некогаш се возеле претежно домашни возила, наменети за тесни британски улици, сега во Европа се купуваат претежно увозни автомобили наменети за широки урбани средини и автопатишта.
Просечната тежина на автомобил во Европската Унија во 2020 година изнесуваше 1.457 килограми, што е за три отсто повеќе од 2019 година и дури 15 отсто повеќе од 2001 година.
Организацијата „Вич?“, која ги тестира навиките, производите и услугите на потрошувачите, откри дека минатата година 161 модел на автомобил биле преголеми за просечниот паркинг-простор во Велика Британија. Впрочем, 27 од нив биле толку широки што отворањето на вратите било тешко доколку автомобилите се паркираат еден до друг на обележано паркинг-место.
Просечната ширина на автомобилот во Европската Унија е зголемена на 180 сантиметри, што често се користи како долен праг за паркирање на европските улици.
Друг поважен проблем се зголемените емисии што доаѓаат со поголемите автомобили. Преминот на СУВ-моделите од бензин и дизел на електрични батерии е чекор напред во намалувањето на загадувањето, но и чекор напред во уште поголеми димензии.
Автомобилите што имаат батерии можат да станат вистински проектили во случај на несреќа, пишува Би-би-си. Бројките покажуваат дека СУВ-моделите ќе претставуваат околу 55 отсто од сите електрични автомобили низ светот во 2022 година, а побарувачката за овие автомобили расте.

Убијци на патиштата

Поголемите автомобили значат повеќе жртви во сообраќајот. Имено, многу поголеми модели имаат поголемо растојание помеѓу коловозот и хаубата, што претставува нов ризик.
Студијата спроведена во САД, во која беа опфатени речиси 18.000 сообраќајни несреќи во кои учествуваа пешаци, покажа дека СУВ-моделите и пикап-камионите со преден дел повисок од 102 сантиметри имаат 45 отсто поголема веројатност да доведат до смртни случаи кога ќе се случи несреќа отколку автомобилите со хауба, со висина до 76 сантиметри.
Друга студија за 3.400 американски несреќи на пешаци ја поврза висината на предниот дел на возилото со ризикот од смрт на пешаци. Подигнувањето на хаубата за десет сантиметри било поврзано со 22 отсто поголем ризик од смрт на пешаци.
Покрај масата и забрзувањето, експертите наведуваат и трет смртоносен фактор – дизајнот на хаубата. Колку е повисока и со повеќе агли, толку е поголем ризикот бидејќи создава „слепи ќошиња“ каде што ни возрасните пешаци не се гледаат.
Покрај тоа, за разлика од пониските, пократки и позаоблени хауба, овие големите не само што удираат – тие ги фрлаат пешаците под тркалата, забележуваат експертите.


Какви автомобили возат Македонците?

Поголемиот дел од жителите на Скопје дефинитивно се љубители на оние помалите градски возила, кои, како што возачите милуваат да кажат, „можат да се пикнат секаде“.
Меѓутоа и во главниот град веќе таа разлика се топи. Низ улиците сѐ почесто можат да е забележат седани и џипови.
На анкетата што ја спроведовме, овој пат на шеесетина возачи, добивме мошне интересни одговори.
Дваесетина од запрашаните ни одговорија дека имаат две возила, односно едно помало и едно поголемо.
Во принцип, помалото се користи за „бркање работа низ град“ и тие возила вообичаено им припаѓаат на мајките на деца и на женските членови на семејствата, додека поголемото најчесто го возат мажите.
– Не сакам големо возило. Имам А-класа, одлично се снаоѓам со неа каде и да одам. Мала е и практична, можам секаде да се паркирам, одлична е за низ град – ни одговори Маја Стојановска, жителка на скопски Центар.
Благоја Митревски, пак, вози еден од модерните џипови. Вели дека не му е проблем возилото, ужива кога е во него, а низ смеа ни одговори дека дури и полесно се справува со градскиот метеж.
– Некако полесно ми е со ваков автомобил. Најверојатно на паркинзи бегаат од мене затоа што им е страв да не го изгребат за да не даваат пари со оглед на тоа што е скапа кола, не знам, но немам никаков проблем со возењето голем автомобил – вели тој.
Триесет лица што одговорија на нашата анкета истакнаа дека имаат од оние средни возила, кои не се ни големи ни мали, а кои во последно време се тренд во главниот град.
Последните десетина анкетирани ни одговорија дека имаат едно седан-возило, кое исто така се вози од сите членови на семејството.
Во другите градови сликата е малку поинаква. Со оглед на тоа што таму го нема сообраќајниот метеж од Скопје, возачите што ги запрашавме ни рекоа дека возат возило што самите го одбрале затоа што им се допаднало, а никаков удел во изборот немала големината.

[email protected]