Фото: Маја Јаневска-Илиевска

Спротивно на убедувањата на бизнисмените дека ваквите мерки му штетат на бизнисот и ја зголемуваат сивата економија, Владата смета дека единствено решение на проблемот со драстичното растење на цените на прехранбените производи е донесување закон за забрана на нефер трговски практики. Оттаму очекуваат Собранието до крајот на месецов да го донесе споменатиот закон. Граѓаните се на штрек дека цените ќе почнат вртоглаво да растат ако се укине мерката, но не се сигурни дека и ако ја има цените нема да растат…

До крајот на месецов завршува мерката „гарантирани цени“ за дел од производите, што понатаму

Ограничените цени за дел од производите важат до крајот на месецов, а Министерството за економија прави анализа колку тоа ќе биде потребно со оглед на тоа што Собранието треба да го донесе законот за забрана на нефер трговски практики, кој се прикажува како брана за еуфорично зголемување на цените на производите опфатени со мерката.
Завршувањето на мерката може да значи задоцнета инфлација и намалена желба за инвестиции кај компаниите, велат економисти и експерти. Дел од нив предлагаат да се воведат регулирани цени за животно значајните производи.
Бизнисмените се со став дека нема потреба од ваква мерка во услови на пазарна економија. Тие очекуваат во иднина владите да не носат вакви мерки без да се пресметаат загубите по работењето на компаниите.
Според експертите, освен замрзнувањето на цените, има голем број други мерки што би дале подобри ефекти. Фактот дека стапката на инфлација достигна високо ниво од 9,4 отсто во 2023 година укажува дека оваа мерка не била ефективна во справувањето со економските предизвици, а стандардот на граѓаните и натаму опаѓа иако платите растат.
Граѓаните се во очекување дека цените ќе почнат вртоглаво да растат, ако се укине мерката, но не се сигурни дека и ако ја има цените нема да растат.
Економистите оценуваат дека е можен пораст на цените на производите по укинувањето на мерката доколку во меѓувреме се промениле производните цени на производите и се продлабочила глобалната несигурност поради конфликтите. Според нив, оваа мерка не е економска и е поврзана со стандардот на граѓаните и со мерката за помош на одделен број граѓани. Ако се продолжи мерката, сметаат дека ќе биде само во функција на изборите.

Експертите предупредуваат дека може да се случи трговците повторно да профитираат и покрај тоа што Владата ги одржува цените замрзнати.
Цените се замрзнати на определено ниво, но во меѓувреме имавме речиси неколкумесечен пад на цените на овие производи на светските берзи, освен во декември кога беше забележан благ раст поради кризите. Не се знае дали трговците во овој период увезле и производи со пониски цени од замрзнатата цена, создале резерви и ги продаваат по замрзната цена, која во случајот би била повисока за овие производи. Економистите велат дека Владата треба да ги има предвид овие состојби пред да ја задржува мерката и во иднина, бидејќи во тој случај корист ќе имаат само трговците, а прехранбената индустрија и земјоделците ќе претрпат штета. Наедно цехот од ваквите состојби ќе го платат граѓаните по укинување на мерката кога цените ќе почнат неконтролирано да растат.
Бизнисмените сметаат дека со државна интервенција во пазарна економија не можат да се постигнат големи ефекти, но затоа пак мерките на Владата придонесоа да се зголеми сивата економија. Тие предупредуваат дека со намалување на цената на производите се намалува и квалитетот бидејќи бизнисите се обидуваат да ги намалат загубите.
Дел од бизнис-секторот дури смета дека за одредени производи воопшто не е потребна интервенција на државата бидејќи нив ги регулира конкуренцијата. Па така, се случува тие и покрај цената, која е замрзната на одредено ниво, сега да се продаваат далеку под таа цена. Таква е состојбата со брашното, кое има многу пониска цена од онаа на која се замрзна во септември, која требаше да се намали за 10 отсто во однос на 1 август 2023 година.
Спротивно на убедувањата на бизнисмените дека ваквите мерки му штетат на бизнисот и ја зголемуваат сивата економија, Владата смета дека единствено решение на проблемот со драстичното растење на цените на прехранбените производи е донесување закон за забрана на нефер трговски практики. Оттаму очекуваат Собранието до крајот на месецов да го донесе.
Законот, кој е на дневен ред на 140. седница на Собранието, веќе ги помина комисиската расправа и расправата на пленарна седница, но за него дополнително ќе се гласа.
Во изминатите две години се донесени десет одлуки за замрзнување на цените. K.M.