Новогодишните празници се многу добар период од годината за реализирање на плановите на престапниците, односно криминалците. За време на периодот на прославите и празниците, она што е најкарактеристично е тоа што луѓето се весели, па дури и еуфорични, концентрацијата паѓа за сметка на зголемената возбуда, безгрижност, радости и расположение, сето тоа поттикнато од добрата храна и пиење, се олабавуваат „контролните механизми“ кај човекот. Токму таа згодна пригода ја користат криминалците за реализирање на своите намери. Но, внимателно, криминолозите предупредуваат дека се чести случаите во напливот на еуфорија, доколку криминалецот се фати „на дело“, домаќинот да ја пречекори одбраната на имотот и домот и да направи дело што ќе му го обележи „целиот живот со негативен печат“

Криминолозите предупредуваат: За новогодишната ноќ лесно можете да бидете жртва, но и сторител на кривично дело?!

Секој празничен период претставува одлична шанса за криминалците да успеат да „заработат“ екстра-пари, а тоа секако ќе го направат користејќи ги предностите што ги носат празничните денови. Преокупирани со пречекот на новата година, граѓаните забораваат дека секогаш некој од другата страна на законот ги демне, па воопшто не преземаат мерки за да се заштитат себеси и своите домови. Фактот што многумина ќе ги напуштат своите домови е доволен мотив за криминалците да се обидат да ги посетат. Дополнително, новогодишната ноќ е и една од оние вечери кога законите се прекршуваат и од страна на обичните граѓани, кои, под напливот на еуфоријата, забораваат дека постојат закони што треба да ги почитуваат.

КРАЖБИТЕ СЕ „СОСТАВЕН ДЕЛ НА НАЈЛУДАТА НОЌ“

Новогодишните празници се одличен период од годината за криминалците. За овој период, она што е најкарактеристично е тоа што сите се олабавуваат, се ставаат во поопуштено расположение, но забораваат дека додека тие се така опуштени, криминалците не се и токму таа шанса и ја чекаат. Светските криминолози му посветиле доста внимание на овој период од годината, па, така, направиле анализа на тоа кои се најчестите криминални дела што се реализираат, и тоа не само оние направени од припадниците на другата страна на законот туку и од обичните граѓани.
Како едно од најважните правила за најлудата ноќ е никако да не објавувате каде ќе ја пречекате Нова година, бидејќи на социјалните мрежи многу е лесно сите тие информации да ги добијат и криминалците, кои целата ситуација ќе ја искористат во сопствена полза. Исто така, многу е важно, доколку пречекот на Нова година го реализирате во клуб, кафеана или друг угостителски објект, да бидете внимателни со личните работи во целата таа еуфорија, бидејќи и тука науката и практиката покажале дека е можно да бидете ограбени.
Новогодишната еуфорија е добредојдена за криминалците не само поради тоа што тие ноќта на 31 декември ќе ограбат многу домови туку и поради тоа што ќе украдат голем број возила, како и опремата од нив. Токму затоа науката препорачува возилата за оваа ноќ да бидат паркирани на обележани паркинг-простори, каде што нема да бидат толку лесно достапни за криминалците.
Според криминолозите, треба да бидете предупредени и за вашите лични работи. Мобилните телефони, чантите и паричниците треба секогаш да бидат до вас. Пиењето алкохол и опуштањето може да ве натераат да ги оставите сите овие работи во ваша непосредна близина, која нема да биде доволна за да ги заштити од кражба. Доколку се наоѓате на место каде што има доста голем метеж, секогаш чувајте си ги личните работи во вашите предни џебови, а чантата до една од рацете.
Доколку сте на прослава на отворено, важно е ако носите ранец, тој да ви биде при рака, бидејќи нема ништо полесно од кражба од ранец. Сопственикот не чувствува ништо, а крадецот многу лесно и достапно може да се „послужи“ со неговите лични предмети.

И АЛКОХОЛОТ Е ПРИЧИНА ЗА ПОТТИКНУВАЊЕ ИЛИ ИЗВРШУВАЊЕ КРИМИНАЛ

Она што го докажала криминологијата како наука е тоа дека за новогодишната ноќ законот не го прекршуваат само криминалците. Напротив, и обичните луѓе се сторители на голем број кривични дела, но во малку поинаква форма.
Па, така, според криминолозите, на 31 декември многумина отстапуваат од своето вообичаено однесување, потпаѓајќи под дејство на алкохол и однесувајќи се крајно необично. Како последица на тоа има несоодветно однесување на јавен простор, уништување јавни добра под дејство на алкохол и, секако, причинување сообраќајни несреќи, каде што како причина повторно се јавува алкохолот. Исто така, науката покажува дека прославата на плоштад треба да биде достоинствена, но сепак има исклучоци, кои, под дејството на алкохолот, ќе им ја уништат вечерта на оние околу себе. Најголемиот број криминални дела се како последица на алкохолот, бидејќи, според статистиката, многумина под дејство на алкохол предизвикуваат и масовни тепачки и многу други инциденти.
Секако, користењето дрога многумина ќе го реализираат токму оваа вечер, како една од пригодите на секој можен начин да се прослави Нова година, па затоа многумина се одлучуваат да потпаднат и под дејството на дрога и разни други опијати.

ОГНЕНОТО ОРУЖЈЕ И ПИРОТЕХНИКАТА РАКА ПОД РАКА СО ПРОСЛАВАТА

За пиротехниката, во која спаѓаат огнометите и петардите, во изминатиот период постојано се зборуваше дека е нелегална, а и Министерството за внатрешни работи постојано апелираше периодов да не се користат петарди и огномети. Дополнително, полицијата е активна на терен, па се реализираат и акции во кои се запленуваат илегално пласираните пиротехнички производи на пазарите. Кај нас, за жал, апелите од страна на надлежните не даваат плод, бидејќи и фактичката состојба покажува дека кај нас, ако се земе предвид тоа што огномет и петарди се пукаат речиси секојдневно, Нова година се слави секој ден во декември и јануари.
Тука дополнително е и огненото оружје, кое исто така е доста сериозен проблем и кај нас, бидејќи дневните билтени на Министерството за внатрешни работи се преполни со уапсени лица поради носење и користење огнено оружје, а чести се и инцидентите од повредени и починати од залутани куршуми, кои непромислено биле испукани заради лична сатисфакција.

Внимателно: Најлудата ноќ неизоставно е проследена и со инциденти и повреди

Прославата на новогодишната ноќ не поминува без повреди и инциденти. И тука науката посветила внимание и направила анализа. Се чини дека луѓето возат дури и попијани од нормалното и на новогодишната ноќ. Па, така, според истражувањата, 62 отсто од смртните случаи во новогодишните сообраќајни несреќи помеѓу 2011 и 2015 година биле предизвикани од пијани возачи, а ништо подобра не е ниту состојбата во годините потоа. Овие несреќи, категоризирани како „новогодишните смртни случаи“ од возење во пијана состојба, ги надминуваат оние во кој било друг ден од годината. Типичниот процент на смртни случаи како последица на алкохол за кој било друг ден од годината во истиот период изнесува 35 проценти.
И пешаците најмногу страдаат за време на оваа ноќ. Истражувањата покажуваат дека Нова година и новогодишната ноќ се едни од најлошите празници за пешаците, за нивни повреди, па и смртни случаи. Според едно истражување направено за безбедноста на сообраќајот за новогодишната ноќ помеѓу 2008 и 2012 година, повеќе пешаци загинале во сообраќајни несреќи на Нова година отколку во другите денови од годината. Има 1,7 пати поголема веројатност да бидете убиени додека пешачите на Нова година отколку кој било обичен ден, а тој ризик се зголемува ако пешакот е под дејство на алкохол. Студијата покажува дека 59 отсто од пешаците што загинале на Нова година биле пијани, во споредба со 34 отсто од пешаците во сообраќајни несреќи секој втор ден од годината. Пијаните пешаци имаат осум пати поголема веројатност да бидат удрени и смртно да настрадаат од пијаните возачи, што е логично – пешаците се незаштитени, помалку видливи и со поголема веројатност да бидат на места што тешко се гледаат или не се безбедни.
Алкохолот се чини дека е неминовен, бидејќи речиси нема истражување во кое тој не е наведен како една од главните причини за луѓето да го прекршат законот, но и за да настрадаат. Речиси секој први јануари, вестите информираат за тоа колку лица завршиле на токсикологија како последица на прекумерно пиење алкохол. Алкохолот е сериозен проблем за многумина во текот на целата година, но истражувањата покажуваат дека на новогодишната ноќ, состојбата со консумацијата на алкохол драстично се влошува.