Иако набавката на половен автомобил за многумина е поевтин и поедноставен начин на купување автомобил, тоа не излегува секогаш како што планирал купувачот. Во последно време сѐ повеќе читатели контактираат со нашата редакција, укажувајќи на нивното искуство со (пре)продавачите на моторни возила. Тие се навидум љубезни и чесни, но кратко време откога ќе се направи купопродажба на возилото, купувачите стануваат свесни дека биле измамени и дека на возилото му се случува дефект што бара големи финансиски средства за да се среди. Можат ли да се избегнат измамите и несаканите последици?
Предизвиците на чинот на купување половен автомобил
Купувањето нов автомобил за многумина стана луксуз, па така многумина наши сограѓани што сакаат да купат ново возило најчесто се решаваат за половно возило. Освен што е поевтин, овој начин е и побрз, а и понудата е огромна доколку се погледнат огласите на интернет, па и на социјалните мрежи. Возила има за сечиј џеб и вкус – од помали и поевтини до лимузини со фул опрема за оние со подлабок џеб.
Но овој поевтин и поедноставен начин на купување автомобил не излегува секогаш како што треба. Зад некои од продавачите доста често се случува да се кријат измамници, кои привидно продаваат добро возило, па само неколку дена откако купувачот ќе се „поднови“, му се случува хаос. На автомобилот му се случува дефект што бара големи финансиски средства за да се среди.
ДОБРО ЗАМАСКИРАНИ „КРШ-ВОЗИЛА“
Пред да се решите да купите половно возило, секогаш треба да знаете дека важи едно правило: „Гледај го, пробај го, но откога ќе го купиш, назад нема“.
Кон ова правило се придружуваат сите што продаваат половни возила. И тоа е сосема во ред. Речиси никој што купува користен автомобил, некојпат стар и над 15-20 години, не очекува дека ќе добие возило од салон, но затоа пак никој не ни очекува дека само по неколку дена од купувањето на возилото,ќе мора да го носи на сервис, заради дефект што го прави возилото да не е во возна состојба.
Затоа, кога се јавувате како купувач, важно е да знаете од кого и од каде да го купите возилото. За почеток, според познавачите на оваа област, оние што продаваат автомобили на автоплацови секогаш се побезбедни и помалку ризични, иако и тоа не е правило.
Па, како тогаш да знаете дали да купите или не одреден половен автомобил и како да го сторите тоа на најбезбеден начин?
Познавачите велат дека најдобро е при купување со себе да си земете мајстор или, пак, возилото да го однесете на мајстор, кој со сигурност ќе може да ви каже во каква состојба е автомобилот.
– Посигурно од компјутерска дијагностика и мајстор што ќе го прегледа возилото нема. Денес сите се во брзање, одат на варијантата на верување, а не треба така. Денес на секој чекор има измамници. Продаваат крш-возило, само замаскирано, и чекаат да им дојде жртва што помалку се разбира во автомобили, за да ѝ го протнат автомобилот. Откако се направила нотарската продажба, веќе сѐ е во вода, бидејќи во самиот документ пишува дека купувачот го видел возилото и дека нема никакви забелешки за него – вели Бојан Димовски, кој работи во областа на продажба и купувањето возила.
Зачестија поплаките за измами
Голема е бројката на граѓани што искусиле измама при купување половно возило. За жал, во овој случај немаат никаква основа да пријавуваат во полиција, бидејќи самите сакале да го купат возилото. Не можат да тврдат дека биле измамени, бидејќи станува збор за половно возило, за чија исправност никој со сигурност не може да гарантира.
– Од едно момче купив француско возило за мојата сопруга и двете деца. Да можат да се возат до градинка, училиште, да ги завршуваат сите обврски. Не поминаа три дена, возилото при возење почна да сецка, сѐ додека во еден момент не изгасне и повеќе не се запали. Кога го зедов, момчето тврдеше дека е сервисирано, меѓутоа не било така. Кога го однесов на сервис, возилото беше „затнато“. Сите филтри што се за филтрирање на издувните гасови беа затнати. Морав да дадам повеќе од 500 евра за да го доведам автомобилот во возна состојба. По неколку месеци го сретнав момчето што ми ја продаде и му кажав дека добро ме измамил, тој само се насмевна – вели Кире Тодоровски.
И, за жал, ова не е единствен случај. Кога семејството Миневски купувало возило од семејни луѓе, не очекувало дека само по неколку дена возилото нема да сака да запали.
– Купивме мало возило од семејни луѓе, возило во кое се возела жена со мало дете. Човекот дури и ми покажа сервисна книшка, ми покажа сметкопотврди за направениот сервис. Но, само по три дена, возилото не можеше да се вклучи. По три обиди, акумулаторот се изгасна. Отидов и купив нов. По еден ден, пак иста ситуација. Кога почнав да пребарувам на интернет, секаде пишуваше дека возилото што го купив користи акумулатор со јачина од 75 волти, а во возилото всушност имаше акумулатор 55. Поради тоа ми се расипа и алансерот, па морав да менувам сѐ. Поради палењето по неколкупати се расипа и бравата, па сега и неа треба да ја носам на сервис – вели Тони Миневски.
Тој додава дека отпосле дознал дека всушност човекот имал пријател во сервис, па си зел измислени сметкопотврди за да го продаде автомобилот полесно.
– Станува збор за семејни луѓе, на кои им кажав дека автомобилот го купувам за сопругата и двете малолетни деца. Каде отиде човечноста? Денес секој гледа да украде или да измами некого – вели тој.
Најчести измами при продавање половни возила
Секој што продава автомобил на шега ќе рече дека „баба го возела“, а тоа значи дека возилото е чувано, гаражирано и не е многу користено. И тоа е традиционална лага во оваа област.
Јавна тајна е дека на половните возила им се менува, односно им се враќа наназад изминатата километража, за купувачот да не може ни да процени во каква состојба е автомобилот.
Според експертите, просечен автомобил годишно поминува помеѓу 10 и 20 илјади километри.
– Кога купувате автомобил, прво погледнете ја километражата и таа бројка поделете ја со бројот на години на возилото. Ако пресметката покаже дека возилото поминало помалку од десет илјади километри во една година, би требало да бидете сомничави – вели Бојан Димовски.
Според него, постојат и други показатели што покажуваат дали возилото е многу користено или не, а тоа се излитените седишта и волан, рачката на менувачот. Сепак, овие делови лесно се менуваат, па најдобар показател е сигурносниот појас. Ако тој е излитен, тогаш тоа возило е старо и многу користено.
Невозможно е да се купи половно возило без гребнатинка, а ако возилото е старо повеќе од десет години и изгледа како штотуку да излегло од фабрика, јасно е дека возилото е фарбано и лакирано. Возилата што имаат ’рѓа исто така треба да се избегнуваат.
Кога купувате возило, важно е да знаете како да гледате. Застанете зад возилото и гледајте дали е навалено на некоја страна, дали некој дел од каросеријата виси. Сериозни оштетувања може да откриете ако погледнете под хаубата. Ако тука забележите дека нешто било заварувано, многу е веројатно дека возилото било дел од сообраќајна несреќа, а такво возило не ви треба, бидејќи веќе е уништено и не е безбедно за сообраќај.