Фото: Маја Јаневска-Илиева

Постојаната изложеност на улиците помеѓу возилата што сообраќаат често претставува ризик по животот на полициските службеници. Најкритичен период од денот се вечерните часови, кога видливоста е намалена, но и кога возачите најчесто посилно притискаат на педалот за гас, па додека да увидат дека сообраќајната полиција ги стопира, во обид да закочат, предизвикуваат застрашувачки несреќи, во кои често страдаат и полициските службеници, кои само си ја вршат својата работа

ОД ПОЧЕТОКОТ НА ГОДИНАВА ДО ЈУНИ НАПАДНАТИ 25 ПОЛИЦАЈЦИ ШТО ГО РЕГУЛИРАЛЕ СООБРАЌАЈОТ

Ако се суди според официјалните показатели, да се биде дел од сообраќајната полиција во кој било период од денот, значи да се работи една од поризичните работи, бидејќи постојаната изложеност на улиците помеѓу возилата што сообраќаат често претставува ризик по животот на полициските службеници.
Според статистиката, најкритичен период од денот се вечерните часови, кога видливоста е намалена, но и кога возачите најчесто посилно притискаат на педалот за гас, па додека да увидат дека сообраќајната полиција ги стопира, во обид да закочат, предизвикуваат застрашувачки несреќи, во кои често страдаат и полициските службеници, кои само си ја вршат својата работа.

РЕГУЛИРАЊЕТО СООБРАЌАЈ СТАНУВА ВИСОКОРИЗИЧНА ПРОФЕСИЈА

Примери за изложеноста на сообраќајците на удар на несовесните возачи има многу, но за потврда на официјалните бројки и статистики може да послужат и најсвежите примери. Имено, токму при вршењето на нивните работни обврски како дел од сообраќајната полиција неодамна беа повредени полициски службеници во сообраќајна незгода што се случила во попладневните часови, на скопската обиколница, во правецот од Арачиново кон Сарај, пред селото Смилковци.
Како што информираа од Министерството за внатрешни работи, додека полицајците вршеле увид на сообраќајна незгода, се случила уште една сообраќајка, во која Р.А. (32) од Липково, управувајќи автомобил „сеат леон“, со кумановска регистрација, удрил во камион со полуприколка, со скопска регистрација, управуван од Љ.А. (55) од Скопје.
Потоа „сеатот“ удрил и во возило БМВ, со германска регистрација, кое учествувало во претходната сообраќајна незгода и во полициското возило на патролата што вршела увид.
Повреди добиле полициските службеници и возачот Р.А., кои биле пренесени во градската општа болница „Св. Наум Охридски“ за укажување лекарска помош.
На 22 јули, возач од Скопје предизвикал сообраќајна несреќа во градот, по што избегал од местото. Откако подоцна тој и неговиот совозач биле запрени од полицијата, возачот со автомобилот удрил еден од полицајците и повторно избегал.
– На улицата Пере Тошев во Скопје, полициски службеници од СВР-Скопје запреле патничко возило „фолксваген голф“ со словенечки национални ознаки, за кое добиле сознанија дека направило сообраќајна незгода на булеварот Никола Карев и го напуштило местото. Притоа, полициските службеници го лишиле од слобода совозачот В.Е. (43) од Скопје, додека возачот Р.Р. (45) од Скопје со возилото удрил еден од полициските службеници и избегал – информираа од МВР.
Тоа се само два случаи од годинава и не се единствени ниту, најверојатно, последни.
Уште се свежи сеќавањата на случајот од минатата година, кога маж од струшкото село Октиси со возило удри полицаец што го запрел поради сторен сообраќаен прекршок. Инцидентот се случил во Струга, кога полицаецот сакал да го легитимира возачот, тој одбил, го вклучил возилото, удрил во него и избегал.

НАЈМНОГУ НАПАДИ ИМА ВО СКОПЈЕ

Бројката на нападнати или прегазени полициски службеници за време на вршење активности како дел од работата на сообраќајната полиција воопшто не е мала. Според статистиката на Министерството за внатрешни работи, во периодот од први јануари до 30 јуни 2021 година, при регулирање и контрола на патен сообраќај, нападнати се вкупно 25 овластени службени лица.
– Најголем број напади се извршени на подрачјето на СВР-Скопје – десет, потоа на подрачјето на СВР-Охрид – пет, по три се на подрачјата на СВР-Штип и СВР-Велес, два на подрачјето на СВР-Битола и по еден на подрачјата на СВР-Тетово и СВР-Куманово – информираат од МВР.
Оттаму додаваат дека во Законот за безбедност на сообраќајот на патиштата во глава 3, „Правила на сообраќајот на патиштата“, точка еден, „Основни одредби“, се регулирани должностите на учесниците во сообраќајот.
– Во согласност со законските прописи, учесниците во сообраќајот се должни да постапуваат според прописите за правилата на сообраќајот, со сообраќајната сигнализација поставена на патот, како и со сообраќајните знаци и наредбите што ги даваат полициските службеници. Учесниците во сообраќајот се должни да постапуваат според барањата дадени со помош на знаци или според наредбите што ги даваат полициските службеници и униформираните службени лица, кога со тоа отстапуваат од пропишаните правила на сообраќајот или од значењето на сообраќајната сигнализација поставена на патот – информираат од МВР.
Се разбира, и во овој случајот законот сето тоа го има добро регулирано. Но останува уште да се регулира совеста на несовесните возачи, кои со својата дрскост не само што ги прегазуваат постојните закони за регулирање на сообраќајот туку посегнуваат по животот и здравјето на оние што се задолжени за спроведување на тие закони. Се чини дека токму тоа најтешко се спроведува.