Фото: Фејсбук профил/Африм Гаши

Во втората половина на јануари треба да се одржи првата средба на претставниците на парламентарните партии и експерти за Изборниот законик. Претседателот на Собранието Африм Гаши во интервју за МИА изјави дека ова било договорено на вчерашната средба на координаторите на пратеничките групи со министерот за правда Игор Филков во Собранието.

Разговаравме околу потребата за што побргу и поквалитетно носење на новиот Изборен законик. Ние инициравме работна група. И нормално дека од Владата реагираа. По барање на министерот за правда, ние ја свикавме таа координација и ни кажаа дека се во завршна фаза на текстот на Изборниот законик, рече Гаши во интервју за МИА.

Според Гаши, координаторите на пратеничките групи се согласиле Изборниот законик да биде донесен со консензус, но не прецизираше која е временската рамка за негово носење.

– Разговаравме околу составот на групата кој ќе учествува, кој формат каде би се одвивале разговорите итн. Сепак затоа што Министерството за правда е предводник на овој процес и тие го предлагаат законот, тие ќе ги повикаат политичките партии да предложат по двајца претставници, но не само тие што се организирани во пратенички групи и тие што не се организирани во пратенички групи, како и независните пратеници. Значи ни треба целосен консензус во процесот на носење на Изборниот законик. Се сложивме околу тоа. И штом ќе го имаме текстот предложен од нив ќе знаеме точно дали е целосно нов, или е изменет или во која насока или колку проценти од текстот е сменет, па политичките партии во однос на тој текст ќе ги имаат своите забелешки, така што ќе почнат разговорите да се усогласуваат едни со други, за да дојдеме до конечно решение – изјави Гаши.

Претседателот на Собранието вели дека идејата е разговорите да почнат веднаш во јануари и со зголемена динамика се усогласуваат ставовите.