фото: Пекселс

Црната листа на САД опфаќа политичари и тоа е порака која паметните политичари би требало да ја сфатат, особено сега пред најавените избори, смета американскиот експерт за надворешна политика и предавач на Школата за напредни студии на Универзитетот Џон Хопкинс во Вашингтон, Едвард Џозеф.

Американската црна листа е многу значајна и преставува порака, и не треба да исклучува никој кој е вмешан во висока корупција, вели Џозеф во интервју за ЦивилМедија на прашањето дали црната листа која неодамна се надополни со уште еден претставник на бизнис-заедницата, поврзан со политичките структури, го стеснува кругот и следни на неа ќе бидат поранешен или сегашни политичари.

– За некој да се најде на таа црна листа, кој не беше само политичар, туку поранешен висок функционер во Северна Македонија, вицепремиер, значи дека ова не е само бизнис круг. Ова се многу значајни поранешни функционери, нема нешто многу повисоко од поранешен вицепремиер, а и не треба да се исклучува ниту едно име. Видете, поранешниот премиер Никола Груевски беше ставен на оваа листа минатата година од страна на Соединетите Држави за „значителна корупција“. Ова беше терминот што САД го користеа. Јас едноставно цитирам од офијалното соопштение на САД. Значи, ова опфаќа политичари и ова е порака, навистина, мислам дека паметните политичари сега би требале да сфатат пред изборите кои се најавени. Значи, знаеме дека претстојат избори на пролет – истакнува Џозеф.

Тој во интервјуто се осврнува и на предложените измени на Кривичниот зкаоник. Според него, „најмудрото нешто што треба владата да направи, а тоа особено се однесува на владата предводена од СДСМ, е во Собрание да ги повлечат измените на Кривичниот законик“.

– Тоа е она што треба да го направат. Пишував за ова во мојата статија минатиот месец, во октомври, во Science Review. И ова беше многу штетно, тоа беше спомнато и од Европската комисија во извештајот што излезе за македонскиот напредок. И најдоброто нешто, најдобриот политички потег за да ги привлечат граѓаните би бил владата во парламентот да каже згрешивме и ќе ја поправиме таа грешка сега и ќе го повлечеме овој закон и ќе ги повлечеме измените на Кривичниот законик и ќе го вратиме законикот како што беше – вели Едвард Џозеф.