Многу е важно сега да го направиме следниот чекор што се однесува до преговорите на Северна Македонија за пристапот во Европската унија, но и на другите земји, како на пример Албанија. Ние сакаме да си го одржиме зборот бидејќи пристапот на овие земји е прашање на стабилноста и безбедноста на ЕУ, нагласи сојузната министерка за ЕУ и уставни прашања на Република Австрија Каролине Едштадлер на денешната прес-конференција со министерот за надворешни работи Бујар Османи.

Повеќе од неопходно, вели таа, е да се направи следниот чекор и потенцира оти се надеваат во интензивните билатерални разговори што во моментов се водат меѓу Македонија и Бугарија.

– Ние бараме брз пристап, брза меѓуладина конференција, се надеваме дека тоа ќе се случи уште по француското претседателство – нагласи Едштадлер додавајќи дека напредокот што го постигна Македонија и покрај некои чекори назад е огромен во однос на јавната администрација, правдата и борбата против корупцијата.

Упати порака до граѓаните на Македонија да не ја загубат довербата во ЕУ.

– Ние сме во критична ситуација и секој наш партнер ни е многу неопходен. Во името на Австрија ви ветувам ние се ќе направиме да се направи следниот чекор и темата Западен Балкан да биде на агендата на ЕУ – нагласи Едштадлер.

Министерот за надворешни работи Османи нагласи дека оваа посета за нас е уште една потврда за австриската недвосмислена поддршка во контекст на нашите евроинтеграции, како и за безбедносните, политичките и економските предизвици.

Тој посочи дека со Едштадлер разговарале за последните развои на геополитичката сцена, за јасната позиција на државата во осуда на агресијата кон Украина и мерките кои се преземени да се позиционираме во овие моменти.

– Разговорите сакаме што побрзо да започнат зашто секојдневно покажуваме дека сме созреани и сме ги исполниле сите критериуми за пристапните преговори и резултатите кои излегуваат од оценката од сите земји членки на ЕУ ќе го признаат историскиот момент давајќи нова динамика. Благодарност за силната поддршка која Австрија ја дава во регионот. Во Република Северна Македонија имате силен пријател, партнер и сојузник во регионот – нагласи Османи.