фотографии: Маја Јаневска-Илиева

Членови на Конфедерацијата на слободни синдикати (КСС) попладнево излегоа на предупредувачки протест пред Собранието и Владата, при што искажаа незадоволство што досега не се усогласени платите со минималната плата.

Претседателот на КСС Благоја Ралповски изјави дека со овој предупредувачки протест повторно му даваат шанса на социјалниот дијалог. Според Ралповски, решението е едноставно, Владата треба да го покачи бодот за да може да се задржи распонот на разликата меѓу платите на останатите вработени.

Од КСС подолг период бараат усогласување на платите со минималецот за да нема ситуации во кои вработени на различни работни позиции и со различен степен на образование да земаат иста плата.

Минатата среда во Владата во рамки на Економско-социјалниот совет беше разговарано за ова прашање, но не се постигна конкретен договор по што КСС најави дека останува на ставот да се одржи предупредувачкиот протест.