За терапијата на секој пациент на Клиниката за онкологија одлучуваат дванаесетмина раководители на оддели и можноста за пропуст е минимална, уверува министерот за здравство, Фатмир Меџити. Тој денес извести дека присуствувал на лекарски колегиум на Онкологија и лично се уверил во овој начин на функционирање за кој тврди дека бил воведен уште пред да се појават во јавноста тврдењата дека на пациентите им бил даван физиолошки раствор место антиканцерогени лекови, кои завршувале на црниот пазар.
– Токму поради индициите што ги имале, лекарите на Клиниката презеле мерки и за терапијата на секој еден пациент одлучуваат 12 раководители оти Онкологија има 12 оддели, а гласот на директорката е изземен за да нема сомнеж за злоупотреби. За сите дијагнози, за сите лекови, за тоа кој пациент како и кога ќе го прими лекот, како и за утврдување точни дози, одлучуваат сите раководители. Ме радуваше начинот како се одлучува со 12 раководители, можноста е минимална и ќе сносат одговорност сите што ќе згрешат – рече министерот Меџити.
За системот за контрола на аплицирањето лекови на Онкологија, кој е набавен, но не се користи, Меџити објасни дека го известиле оти работел кратко време, а потоа употребата престанала оти трошокот за соодветни кеси за негова употреба бил голем. Сега се анализира дали да се врати во употреба тој систем или да се набави нов, посовремен.
– Тој систем не го препознава лекот, туку ги регистрира во милилитри како се троши лекот. И вода да има внатре, тој ќе регистрира колку милилитри некому му се дадени – објасни министерот.
Тој апелира да не се шират шпекулации за лековите на болните и пациентите и јавноста да дозволат МВР и Обвинителството, кои првпат влегоа на Онкологија, да си ја завршат работата.