Штета што училиштето во Подвис денес се наоѓа во руинирана состојба - Фото: Архива

Осумдесет и две години од првото училиште во слободна Македонија како повод за понатамошна одржливост на наставата по македонски јазик

Училиштето, за кое постојат сведоштва дека го носело името на македонскиот поет Коле Неделковски, е првото што започнало со работа на слободната територија на Македонија, и покрај тоа што виорот на војната беснеел и натаму во другите неослободени делови на Македонија, под окупаторот, како и во Балканот и низ Европа и светот

Свето Тоевски

Деца, отсега натаму ќе си учите на нашиот мајчин македонски јазик и нема веќе да се презивате на -иќ, туку на -ски. Смрт на фашизмот! Ова им го рекол учителот Василко Ристески на 23-те дечиња на 17 септември 1943 година во новоотвореното училиште во кичевското село Подвис, првото училиште воопшто во слободна Македонија. Дечињата му одговориле со „слобода на народот“. Училиштето, за кое постојат сведоштва дека го носело името на македонскиот поет Коле Неделковски, е првото што започнало со работа на слободната територија на Македонија, и покрај тоа што виорот на војната беснеел и натаму на другите неослободени делови на Македонија, под окупаторот, како и во Балканот и низ Европа и светот. Училиштето во Подвис постоело и пред Втората светска војна, но во него се учело на српски јазик.

Останаа само разурнатите ѕидови од историското училиште

Драган Дамјановски, преселен во Австралија, кој учел во ова училиште во Подвис од прво до четврто одделение во шеесеттите години од минатиот век, во октомври 2021 година има изјавено: „Училиштето е отворено речиси една година пред одржувањето на АСНОМ. Ова е мал, но важен доказ, кој говори против сегашните бесмислици на Бугарија дека јазикот ни е создаден од времето на АСНОМ. Татко ми учел македонски мајчин јазик од мајка му Стојанка и татко му Миле, а тие од нивните родители. Објектот на оригиналното старо училиште се распаѓа и е оставен на забот на времето. Истото тоа се случува и со зградата од ‘поновото’ училиште во рамнината во Подвис. Имам пишувано речиси до сите влади на самостојна Македонија, до сите министри за образование, премиери и претседатели. Никој ниту ми одговорил ниту презел нешто да се спаси барем историското училиште од целосно распаѓање“.

Штета што училиштето во Подвис денес се наоѓа во руинирана состојба – Фото: Архива

Така се случи лани, на неколку дена пред 81-годишнината откако беше отворено ова прво училиште на македонски јазик во Македонија, ова упориште на македонскиот идентитет и македонската национална свест – да се затвори! Учител повеќе нема во Подвис, ниту ученици. Останаа само разурнатите ѕидови во историското училиште повисоко во планината, но и ѕидовите на дотраеното „поново“ и од 2024 година затворено училиште подолу во селото Подвис, тивко да шепотат, иако ќе нема да ги чуе никој: Деца, отсега натаму нема да учите повеќе на мајчин македонски јазик во Подвис, училиштето се затвори, а вас ве снема!

Опаѓањето на бројот на ученици е закана за можно затворање и на други основни училишта во Кичевскиот Регион, поради миграцијата на населението и празнењето на селата. Во некои од нив има уште само по два ученика! Но, ваква е состојбата и на ниво на цела Македонија. Според податоците на државниот Завод за статистика, во учебната 2023/2024 година во Македонија имало 955 основни училишта, со вкупно 182.143 ученици. Во учебната 2024/2025 година бројката на основни училишта е намалена на 943, а бројот на ученици на 180.627. Уште попоразителни се споредбите со учебната 2021/2022, кога имало 976 основни училишта во земјата, со вкупно 184.910 ученици. Значи, само за три години се затворени дури 33 основни училишта, а бројот на основци во нив е намален за 4.283 деца ученици. Дали реалноста содржи уште понегативни бројки од овие статистичкиве, дали ѕвонат училишните ѕвончиња во уште помал број основни училишта? Дали има уште поголем пад во бројот на ученици низ цела Македонија, ако не е сѐ пријавено и статистички забележано?
Во споменативе бројки се забележани и одреден број училишта на албанскиот и други наставни јазици. Оние затворени училишта на настава на македонски јазик претставуваат затворени упоришта на македонскиот идентитет, исто како и основното училиште во Подвис, во нив повеќе не се одржува и не се шири македонската национална свест кај најмладото македонско поколение во односните подрачја на Македонија, демографски испустени.

Покрај затворањето на сѐ поголем број училишта со настава на македонски јазик, проблеми и големи забелешки се слушаат и во врска со самата настава по македонски јазик. Дечињата пред 82 години во Подвис учеа без учебници, без тетратки, ама со голема љубов и ентузијазам за восприемање и навлегување во мајчиниот македонски јазик. Денес експертите предупредуваат дека не е баш сѐ така… Има голем број забелешки за наставата по македонски јазик – за содржината на учебниците, за несоодветно распоредени наставни содржини по одделенија, пасивна улога на советниците по македонски јазик, немање организирани семинари и обуки, на кои ќе има размена на искуства и ќе се слушне мислењето на наставниците за определени прашања. За теоретичарите и практичарите владеењето со мајчиниот јазик и неговата правилна употреба (говор, слушање, читање и пишување) ја наметнуваат потребата многу попрецизно да се осмислуваат и да се реализираат на осовременет начин сите пристапи и начини на усвојување на јазикот.

Проф. д-р Јачева Улчар: Организацијата на наставата е клучна

Професорката и научна советничка во Институтот за македонски јазик „Крсте Мисирков“ од Скопје, д-р Елка Јачева-Улчар, во изјава за „Нова Македонија“ посочува дека во минатото македонскиот јазик во училиштата се изучуваше со ентузијазам, односно дека учениците со љубопитност и љубов навлегуваа во неговиот свет и ја градеа свеста за сопствената културна припадност.
– Денес сликата е драстично поинаква. Масовните иселувања придонесоа за намалување на бројот на учениците во државата, па дури и за затворање училишта, особено во селските средини. Во градските средини англискиот јазик и дигиталните кодови ја потиснуваат функцијата на мајчиниот јазик, предизвикувајќи сè почесто мешање на јазичните системи кај децата, а понекогаш и превладување на англискиот јазик за сметка на македонскиот – вели Јачева-Улчар.

Според Јачева-Улчар, клучниот проблем, сепак, не е само во демографските и социолингвистичките услови туку и во организацијата на наставата.
– Наставните програми се застарени и не ја следат динамиката на современиот живот и комуникација. Наместо македонскиот јазик да биде предмет преку кој ќе се развиваат критичкото мислење, јазичната култура и стилот на изразување, тој се сведува на механичко репродуцирање на наставните содржини. Оваа состојба дополнително се влошува со ослабениот кадровски состав: наставниците премногу често се избираат не според стручност и квалитет, туку според партиска афилијација. Истата партиска матрица се применува и при изборот на учебници – не се избираат најквалитетните, туку оние што произлегуваат од спрега меѓу автори, рецензенти и одлучувачи поврзани со владејачката структура – напомнува оваа експертка за македонски јазик.

Професорката Елка Јачева-Улчар предупредува дека „таа штетна практика мора итно да се напушти ако сакаме македонскиот јазик да ја задржи својата улога како темел на образованието и идентитетот“.
– Министерството за образование и Бирото за развој на образованието треба да престанат со формалните постапки за избор на учебник „меѓу неколку учебници“, при што многу ретко, а најчесто – никогаш не се избира најдобриот учебник. Треба да се воведе и нов модел: да се формираат стручни тимови од компетентни професионалци за секое одделение одделно и на тие тимови треба да им се даде разумен рок да изработат еден учебник, заснован врз современи наставни програми. Во тие наставни програми нагласката да биде ставена врз учењето на јазикот како жив, креативен и продуктивен израз, а не само на фактографско учење за јазикот. Во спротивно, наставата по македонски јазик ќе продолжи да тоне, а последиците ќе бидат несогледливи: изгубено чувство за јазик, осиромашена култура на изразување, разнишана свест за идентитетот и сосема загубен интерес кај новите генерации за негово изучување и проучување – заклучува во изјавата за „Нова „Македонија“ Елка Јачева-Улчар.