Фото: Игор Бансколиев

ОСИГУРИТЕЛНИОТ БИЗНИС, ЗА РАЗЛИКА ОД ГОЛЕМ БРОЈ ДРУГИ, ПОКАЖА ГОЛЕМА ОТПОРНОСТ НА КРИЗАТА

Во текот на кризната 2021 година, бројот на лица што имаат осигурување се зголемил за 95 отсто во однос на претходната 2020 година. Во очекување некој да го согледа и подетално да се позанимава со објаснувањето на овој економско-социолошки феномен, ги побаравме бројките и првичните оцени на упатените во оваа проблематика

Речиси половина милениум откога, барем според утврдените времеплови, на завчерашниот ден, 18 јуни 1583 година, во Лондон, била издадена првата полиса за животно осигурување во светот и кога голем број истражувања покажуваат дека околу една третина од граѓаните на Македонија живеат под прагот на сиромаштијата, зачудува информацијата дека лани, за првпат од востановувањето на пазарот за животно осигурување во 2005 година, вложувањата на граѓаните во животното осигурување надминале две милијарди денари, или 32,5 милиони евра. Попрецизно кажано, во текот на кризната 2021 година, бројот на лица што имаат осигурување се зголемил за 95 отсто во однос на претходната 2020 година. Во очекување некој да го согледа и подетално да се позанимава со објаснувањето на овој економско-социолошки феномен, ги побаравме бројките и првичните оцени на упатените во оваа проблематика.
– Повеќе од 260.000 граѓани имаат полиси за животно осигурување на крајот на 2021 година. Бројот на нови осигуреници лани е зголемен за 127.000 лица, односно 95 отсто во споредба со бројот на лица што имале животно осигурување во 2020 година.

Вложувањата во животно осигурување лани се зголемени за 261 милион денари (4,2 милиони евра) во однос 2020 година. Од вкупните вложувања во животно осигурување, лани над 1,6 милијарда денари (26 милиони евра) се инвестирани во класично осигурување живот, кое опфаќа: ризико-осигурување и осигурување со штедна компонента. Кај ризико-осигурувањето се осигурува животот на осигуреникот и во случај на смрт му се исплаќа осигурената сума на член на семејството, сопружник или друг корисник на осигурувањето. Кај овој вид осигурување, доколку не се случи ризик до истекот на договорот за осигурување, сите вложени средства ги задржува осигурителната компанија. Речиси 200.000 граѓани имаат ризико-осигурување на крајот на 2021 година – соопштија пред извесно време од Агенцијата за супервизија на осигурувањето (АСО).

Фото: Игор Бансколиев

Граѓаните, според ова, најмногу инвестираа во осигурувањето со штедна компонента. Овој продукт му овозможува на осигуреникот по истекот на договорот за осигурување своето вложување да го добие како заштеда со камата. Повеќе од 50.000 осигуреници имаат вакво осигурување на живот и во овој продукт во 2021-та се вложени 1,27 милијарда денари или над 20 милиони евра.

Петте компании за осигурување живот што во моментов се присутни на македонскиот пазар, во 2021 година им исплатиле вкупно 595 милиони денари или 9,7 милиони евра на своите осигуреници по основа на доживување, раскинати договори или по основа на ризик смрт.

И како овие бројки се вклопуваат во општиот впечаток, но и во истражувањата, според кои во Македонија константно се зголемува делот на населението што живее под прагот на сиромаштијата и во чија перцепција е сѐ подоминантен стравот од сиромаштијата, е прашањето на кое одговор побаравме пред сѐ од економистите.

Поранешниот гувернер на Народната банка, Љубе Трпески беше воздржан во однос на можностите за елаборацијата на оваа тема.
– Прво треба да се знае дека осигурувањето, како бизнис, кај нас сѐ уште е во своите зачетоци и дека, според некакви правила, тоа би требало да го следи вкупниот развој на економијата, за која знаеме на кое ниво се наоѓа. Затоа не сум сигурен колку тие бројки се резултат на вистинските можности на граѓаните, а колку на обврските што им ги наметнуваат компаниите во кои работат, така што без дополнителни сознанија не би навлегувал во понатамошните оцени – изјави Трпески.

Неговиот колега, пензионираниот професор на Економскиот факултет при УКИМ, Живко Атанасовски, исто така, е резервиран во однос на бројките и на официјалните статистики, но е убеден дека, без оглед на економската и на социјалната состојба, станува збор за едноставна рефлексија на она што се случува низ светот.
– Тоа е еден вид демонстрациски ефект, бидејќи нашите граѓани гледаат и учат од онаа што се случува низ светот. Освен тоа, тука се и очекувањата од актуелната ситуација, што ги тера луѓето, дури и во овие кризни времиња, да се свртат кон вложувања во иднината, а во моментов, тоа е најсигурниот вид на штедење и на инвестирање. И тоа е тренд, но не сакам да навлегувам во конкретни оцени зашто големо прашање е колку сите тие информации се веродостојни – објаснува професорот Атанасовски.

Инаку, според она што може да се најде во литературата, на 18 јуни 1583 година, во Лондон, била издадена првата полиса за животното осигурување. Непосредно по смртта на осигурениот Вилијам Гибонс, сопственикот на полисата Ричард Мартин ја тужел осигурителната компанија што не сакала да му ја исплати премијата и го добил спорот. Во тоа време секој можел да купи полиса и да го осигури животот на која било друга личност, дури и без нејзиното знаење и согласност, така што најчесто биле осигурувани животите на повозрасните и на побогатите луѓе или на затворениците, за кои се знаело дека наскоро ќе починат. На таквата практика ѝ бил ставен крај кога британскиот парламент во 1775 година го донел законот за осигурителните камати.
Од втората половина на 19 век започнал нов период во развојот на осигурителниот бизнис, кога државите, пред сѐ европските, станале свесни за неговиот огромен економски и социјален потенцијал во поглед на акумулирањето на капиталот со кој можело да се располага релативно долг временски период. Таквиот капитал бил искористен како нов извор за акумулирање на државните фондови, кои во денешни услови би можеле да се мерат со милијарди евра.