Во Берлин се одржа средба помеѓу Роберт Кленкоски, претседател на Централниот совет на Македонците во Германија, и Илбер Села, новиот македонски амбасадор во Германија. На средбата, Кленкоски, ја искористи можноста да му честита за неговата акредитација и да му посака успешен мандат.

Посебно внимание на средбата беше посветено на актуелните предизвици поврзани со пасошите на македонските граѓани. Одлуката на македонската влада да ги поништи важечките пасоши со натпис „Република Македонија“, иако многу граѓани тогаш не ги имаа сменето, доведе до значителни проблеми и неизвесност, посочуваат од Централниот совет на Македонците. Кленкоски пред новиот амбасадор ја истакнал итноста од изнаоѓање решение за враќање на правата на слобода и мобилност на македонските граѓани низ светот.

Амбасадорот беше замолен да ги изложи проблемите на македонската заедница пред владата и да се ангажира за брзо решение на предизвиците, слично како што се случи со возачките дозволи.
Како знак на почит му беше доделен на амбасадорот еден примерок од книгата „Создавањето на Независна Република Македонија“ поточно германската верзија „Gründung der unabhängigen Republik Makedonien“ од д-р Дејан Маролов и Оливер Митев. Оваа книга беше финансирана од Централниот совет на Македонците во Германија да се преведe на германски јазик со намера да се подари на библиотеки, факултети и на личности од Германија. Целта е македонската страна на историјата исто така да најде место на полиците и да се изучува со факти.

Преку средбата се потврди ангажманот на Централниот совет на Македонците во Германија како глас на македонската заедница, како и ветување дека ќе се дејствува за интересите на македонската заедницата пред македонската и германската влада, како и активности за продлабочување на односите помеѓу Македонија и Германија.