Бугарската јавност и медиуми вложуваат напори во обидите да го намалат значењето од отворањето на македонскиот културен клуб „Никола Вапцаров“, пребројувајќи ги присутните и истакнувајќи ја квадратурата на просториите во нивните анализи за вчерашниот настан. Но, се стекнува впечаток дека ваквата перцепција на вчерашната свечена манифестација, не успева да ја засени сплотеноста на присутните Македонци од двете страни на границата, кои заедно, на мирен и достоинствен начин покажаа почит кон македонската култура и традиција. Токму со таа цел, низ Благоевград вчера заедно чекореа дел од македонската интелектуална елита, истакнати граѓани од повеќе различни области, политичари, како и претставници на Македонците од Бугарија кои дочекаа настан од ваков карактер.
Бугарските медиуми во прв план ги истакнуваат и обидите за попречување на манифестацијата во Благоевград со протестот и пуштањето на бугарски патриотски песни пред просториите на клубот, како и попречувањето на поворката што сакаше да положи цвеќиња пред бистата на Гоце Делчев од страна на симпатизерите на бугарската ВМРО-БНД кои излегоа на протест, како што е случај во известувањето на бугарски „24 часа“.
– Солидно странско присуство го одбележа отворањето на скандалозниот приватен македонски клуб „Никола Вапцаров“ во Благоевград. Групата од Северна Македонија беше најбројна. Значајно беше присуството на генералниот секретар на претседателот Стево Пендаровски Миле Бошњаковски, кој одби да зборува на отворањето и само се заблагодари за поканата. Пристигнаа и лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Миткоски и лидерот на „Левица“ Димитар Апасиев со неколку пратеници, како и група од Демократскиот сојуз и историчари. Меѓу гостите имало и група која се претставувала како Македонци од Албанија со нивниот заменик, како и група од Грција на чело со отец Никодин. Мештаните, самоидентификувани како Македонци, не беа повеќе од 50 луѓе – пишува „24 часа“ во написот насловен „Повеќе гости отколку домаќини на отворањето на македонскиот клуб во Благоевград“.
Одредени бугарски медиуми изнесоа и омаловажувања за изгледот и просторната големина на македонскиот клуб. Така, на пример, новинар на БТВ кажа дека големината на клубот од 40-ина квадратни метри на социјалните мрежи била споредувана со „локален фризерски салон“. А други медиуми го посочуваа фактот што во натписот на клубот недостасува буквата „е“ од зборот „македонски“, откако претходно, за време на подготовките за отворање беше избришана буквата „м“, па потоа вратена.
Градоначалникот на Благоевград, Илко Стојанов, кој претходно се огради од македонскиот клуб коментираше дека клубот „Никола Вапцаров“ е нелегитимен бидејќи не е во согласност со Законот за организација на територијата на Бугарија и додаде дека тој повеќе е канцеларија во која се собираат луѓе на приватна основа. Според Стојанов, клубот не треба да го носи името на Никола Вапцаров.
Истовремено, контроверзниот бугарски европратеник, Ангел Џамбаски, познат по антимакедонските ставови, изјави дека „200 луѓе од Скопје не ја постигнале целта да провоцираат“.
Од друга страна, Македонците од Бугарија присутни во Благоевград, кои главно беа повозрасни, пак, истакнуваа дека ваков настан како нивната вчерашна прошетка низ Благоевград досега не е забележан во Бугарија, не криејќи го задоволството што се дел од манифестацијата. Како доказ за почитувањето на традицијата, предничеше една повозрасна госпоѓа која сиот пат носеше погача за да ги послужи присутните пред тамошната црква каде што беа положени цвеќиња, според македонските обичаи.
Важноста на вчерашната свеченост се согледува и во зборовите на Милан Ризаков од организацијата на Македонците од Бугарија, ОМО Илинден-Пирин, кој беше принуден да ја каже својата порака во внатрешноста на клубот, поради ечењето на бугарски патриотски песни од озвучувањето поставено пред просториите, во знак на протест.
– Нашите напори да регистрираме сопствени организации преку кои ќе учествуваме во културниот, општествениот и политичкиот живот се отфрлани цели 35 години. Само сакаме да бидеме еднакви како и другите граѓани. Да можеме да се нарекуваме Македонци, без да нѐ навредуваат. Да можеме да се собираме и да создаваме без страв. Да бидеме од корист за двете земји и за двата народа, бидејќи ја знаеме нивната душа и култура – истакна Ризаков.
Дојде до еден помал инцидент кога кога еден од луѓето што протестираа против отворањето на клубот, се обиде да ја попречи македонскта поворката и влезе во расправија со лидерот на Левица, Димитар Апасиев, но тензичната ситуација се расчисти мирно. Но, инаку, треба да се истакне дека жителите на Благоевград беа коректни кон македонската свеченост, што беше забележливо при поминувањето на поворката низ центарот на градот, кога немаше никакви дофрлања, ниту најмали провокации од преполните со луѓе улици. Истото се однесува и на полицијата која во голем број внимаваше на безбедноста на Македонците и се однесуваше со почит кон сите присутни, со што настанот помина во мирна атмосфера. М.Ж.