Сите имаме обврска да бидеме транспарентни пред граѓаните за нашата работа. Транспарентност и барањето за транспарентност не може само да биде на адреса на Владата, не може да биде на адреса на пратениците, туку и на адреса на правосудството. Многу пати сум кажала во изминатите месеци, сега пак ќе повторам, не може независноста која што ја дава Уставот да се користи како параван за самоволие. Независноста која што ја дава Уставот треба да биде дополнителна обврска, дополнителен товар за уште поодговорно однесување, вели во интервјуто за МИА вицепремиерката за добро владеење Славица Грковска, зборувајќи за одлуката на Апелацискиот суд а случајот „Таргет – тврдина“.
Според неа, неинсистирањето на транспарентност сите овие години наназад на правосудниот систем, не доведува до тоа граѓаните да немаат доверба во правосудството заради тоа што не знаат едноставно што се случува.
– И мене ми е мило што мојата изјава која што беше во насока на тоа да ги повикам транспарентно да ги образложат пред јавноста причините за донесувањето на таквата одлука вроди со плод и Апелациониот суд издаде соопштение со објаснување за начинот на којшто ја донел таа одлука и од кои причини таквата одлука е донесена, без разлика што јас сметам дека повеќе можеше во детали, ама како и да е, беше поттик – рече Грковска.
Таа смета дека нивните активности во изминатиот период го поттикнаа и Судскиот совет да биде проактивен и конечно да почне да ја добива улогата која што би требало да ја има.
– Ова е последица на нефункционирање на институциите. Вие знаете дека Судскиот совет беше блокиран повеќе од една година, беше блокиран и изборот на новите судии, токму заради самоволие – потенцира Грковска.
Во одговорот на прашањето дали ги разгледала извештаите за трошењето на министрите во 2021 година, вицепремиерката не дава директен одговор, но потенцира дека ќе инсистира во наредниот период да не се случи повторно голема пауза и податоците навреме да се внесуваат во системот, така што преку алатката за транспарентност да бидат достапни за јавноста.
– И за тоа ќе инсистирам и во наредниот период, да не се случи повторно ваква голема пауза. Веќе ги преземавме сите активности и се преземаат податоците за наредниот период за да се објават навреме. Прашање е на сплет на околности и некои технички проблеми, но како и да е, тие се веќе надминати и се надевам дека во иднина тоа нема да се повтори – вели Грковска.
За нас, додава таа, е важно транспарентноста да стане, не како нешто што некој од надвор го бара, туку како вообичаен начин за функционирање на институциите.
– Кога забележавме дека алатката не функционира ние прво што почнавме е да притискаме колку што е можно побрзо тоа да се случи, заради тоа што транспарентноста е најдобриот начин за намалување на можноста за корупција и за зголемување на одговорноста. Ниту еден функционер не е комотен кога знае дека транспарентноста е на високо ниво и кога е во фокус на јавноста – рече Грковска во интервјуто што МИА ќе го објави во целост денеска.