фото: Маја Јаневска-Илиева

Еврејската заедница го одбележа Ханука, празникот на чудото и светлината, на третиот од осумте дена, колку што се слави.
Во синагогата „Бет Јаков“ се одржа молитва на која освен членовите на заедницата, присуствуваа гости и од другите религиозни заедници, претставници на амбасадите во земјава, пријатели на заедницата, како и министерот за внатрешни работи, Оливер Спасовски и претседателот на државата, Стево Пендаровски.
Во дворот на заедницата, на гостите им се обрати претседателот на еврејската заедницата, Пепо Леви, кој говореше за значењето на Ханука, а потоа заедно со Стево Пендаровски и Оливер Спасовски ги запалија свеќите на ханукијата, специјалниот осумкрак свеќник за Ханука.
Децата од детското катче „Крал Давид“ изведоа претстава на која покажаа како се слави празникот во кругот на фамилијата. Заедно со другите членови на заедницата испејаа неколку песни наменети за Ханука.
Празникот Ханука се празнува како сеќавање на ослободителната борба на еврејскиот народ на тлото на древниот Израел против елинистичкиот окупатор, настан што се случил во 167 година пред новата ера.
Легендата раскажува како Грците го осквернавиле и Храмот и маслото кое се чувало за палење на обредните свеќи. Макабејците, ослободителите, по влегувањето во Ерусалим нашле во Храмот само еден сад со масло, кој бил доволен за горење само еден ден. Тогаш се случило чудо (Божјо) и тоа масло горело во свеќникот осум дена. Затоа Ханука се празнува осум дена. Како семеен празник, свеќниците за Ханука се палат секоја вечер во кругот на семејството и тоа првиот ден се пали една, а потоа секоја нареден ден по една свеќа повеќе. Традиционално се подготвуваат јадења пржени на масло, денес најчесто крофни.

Фотографии: Маја Јаневска-Илиева