Научна и аргументирана дебата, надвор од партиската политика, која треба да и помогне на земјава подобро да се подготви за претстојните фази од евроинтеграцискиот процес. Вака денеска, главните говорници, академиците Владо Камбовски и Таки Фити, вицепремиерот за европски прашања Бојан Маричиќ и министерот за финансии Фатмир Бесими, ја најавија конференцијата „Забрзување на процесот на пристапување на Македонија во ЕУ: Клучни предизвици и приоритети“.
Од конференцијата, како што изјавија, се очекува да произлезат конкретни, јасни препораки кои ќе бидат содржани во зборник. Зборникот потоа ќе биде доставен до Владата, а ќе биде корисен и за избор на експертскиот тим кога ќе се отвори процесот на преговарање со ЕУ.
Како што рече вицепремиерот Маричиќ, добро е што има правно-политички дијалог во кој ќе се разговара за целиот процес на пристапување и за уставните амандмани, но и што има економски дел за нови идеи за прилагодување кон внатрешниот пазар на ЕУ и пред членството.
– Ова е време кога треба креативно да размислуваме. Тоа е и пораката што ја имаме од Европската комисија, ова лето да се отвори дискусија за областите во кои би можеле да се вклучиме порано во ЕУ, од она што го нудиме до сега за државите кандидати, како што е Македонија и, од друга страна, кои се другите креативни елементи на процесот што може да се воведат за пакетот за ново проширување, наредно проширување на ЕУ со Украина и државите од Западен Балкан – истакна Маричиќ.
Според него, Владата и досега имала консултации со научната фела околу евроинтегрирањето.
– И до сега сме имале консултации, можеби не вака формално и на ова високо ниво, но сме имале консултации. Постојано сме во консултации по повеќе прашања со академската фела. Дел од нив се веќе вклучени во работните групи, а секако дека и целта на овие настани е да се поврземе повеќе, да ги отвориме повеќе вратите и можностите за вклучување на академската фела во работните групи, особено за трите патокази што се клучни на оваа година – нагласи Маричиќ.
Темата на конференцијата, како што оцени, пак, академик Фити, е извонредно значајна и има висока релевантност, а тоа се потврдува и со фактот дека се пријавени 35 научни трудови со околу 50 учесници. Во економскиот дел, пак, има 18 теми и околу 30 учесници.
– Ќе се дискутира за клучните економски критериуми, за забрзување на пристапување на земјата во ЕУ и во тој контекст, посебно ќе стане збор за продуктивноста и конкурентноста. Тоа се две области во кои имаме многу сериозни проблеми на патот кон ЕУ, но ќе се отворат и низа други прашања како фискалните предизвици во европски контекст на централно и локално ниво, проблемите на економскиот раст и развој, состојбите, пречките, перспективите. Многу значајна тема е и приближувањето кон ЕУ стандардите на висината на доходот, а тема ќе биде и „зелената транзиција“. Трудовите ќе бидат објавени во посебен зборник и ќе содржат конкретни, јасни препораки до креаторите на политики. Очекувам и во економскиот и во другите делови да ги детектираме јасно слабостите и предностите, но и секторите во кои состојбата е лоша и да предложиме мерки како таа да се надмине – потенцира Фити.
Научната конференција ја организира Центарот за стратегиски истражувања „Ксенте Богоев“ при Македонската академија на науките и уметностите во соработка со Министерството за финансии и Секретаријатот за европски прашања.