Управата за јавни приходи најостро ги демантира обидите за шпекулација од страна на опозициската политичка партија и нејзиниот претседател дека УЈП има афера.
– Јавноста треба да е целосно информирана, граѓаните не треба да се доведуваат во заблуда. Во таа насока, посочуваме дека не станува збор за афера на УЈП, туку станува збор за утврдено незаконско работење сторено од Даночни обврзници кое УЈП го детектираше навремено уште во јули 2021 година.
Во интерес на предистражната постапка на Јавното Обвинителство, информираме дека сите потребни материјали и податоци од страна на УЈП се доставени до институциите и дека се превземени сите потребни мерки во насока на заштита на државната каса.
Управата за Јавни приходи е институција со висок интегритет и во истата работат високо ефикасни професионалци кои навремено и ефективно ги извршуваат своите работни задачи. Меѓу другото, раната детекција на незаконската работа кај одредените даночни обврзници е резултат на посветената и професионалната работа на вработените во УЈП. Во таа насока би сакале да ја увериме јавноста дека јавниот и државниот интерес се императив на работењето на УЈП – стои во соопштението на УЈП.
Рекацијата од УЈП следи откако претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, обвини за 20 милионска афера. Според него, во аферата се вмешани високи функционери на СДСМ и ДУИ и раководни лица во УЈП. Тој вели дека инстант фирми креирале фиктивни фактури врз основа на кои барале поврат на ДДВ од државата, а потоа, преку цесија, истото ДДВ го пребивале со фирми кои ѝ должеле данок на државата.