Д-р Соња Николова: Шарло бил поголем авторитет од Тито во коминтерната

За политичката елиминација и убиството на Методија Шаторов-Шарло, првиот секретар на македонската комунистичка партија (2)

Според досегашните истражувања, се посочуваат неколку личности што имаат интерес Методија Шаторов да не ја преживее војната, што би значело и можен мотив за негово убиство. Постои верзија дека за да се увери во смртта на Методија Шаторов, Јосип Броз-Тито го испраќа Светозар Вукмановиќ-Темпо и го задолжува да му донесе доказ – фотографија од мртвиот Шаторов. Телото на Шаторов било ексхумирано и сликано од страна на Темпо. Видлива е сличноста помеѓу случајот „Шаторов“ и случајот „Благоја Паровиќ“. Како што Паровиќ бил убиен од главниот Титов егзекутор, Беговиќ, и сликан неговиот труп, така овде на ист начин се бара да се слика мртвото тело на Шаторов

Пишува: Блаже Миневски

Пет дена пред падот на бугарската фашистичка власт, на 4 септември 1944 година, на Милеви Скали, на Родопите, во близината на Пазарџик, бугарската војска и полиција водат борба со околу 240 партизани. Во борбата загинуваат дванаесет партизани, меѓу кои и Методија Шаторов-Шарло, командир на Третата востаничка оперативна зона на Народноослободителната востаничка армија на Бугарија. Иако постојат повеќе верзии за убиството на Шарло, ниту една до денес не е расветлена и признаена како официјална. Според д-р Соња Николова, која темелно ги има истражувано сите аспекти од животот и дејноста на првиот политички секретар на ПК КПЈ за Македонија, а има и докторирано на тема „Методија Шаторов-Шарло во македонското националослободително движење“, ниту Перо Ивановски-Тиквар, организацискиот секретар на ПК на КПЈ за Македонија и прв соработник на Шарло, во разговорот воден со неа, немал демант за можноста убиството на Шаторов да било нарачано од Јосип Броз-Тито. Притоа, овде се поставува прашањето доколку нарачателот на убиството е од Југославија, дали раководството на БРП, па и самиот Георги Димитров биле запознаени со тоа и дали, евентуално, убиството било одобрено од нивна страна како казна за „гревовите“ на Шаторов во Македонија.

Кој имал интерес Методија Шаторов да не ја преживее војната!

„Според анализата на досегашната литература, се доаѓа до заклучок дека обвинувањата, кои од страна на Јосип Броз се изречени за Методија Шаторов, всушност се само провиден обид некои вистини од животот на Тито, со кои Шаторов несомнено бил запознаен, да бидат затскриени. Факт е дека двајцата револуционери се знаеле многу порано од 1940 година и знаеле доста детали од револуционерната активност на секој поединечно, што е доволен мотив да не се исклучува можноста Јосип Броз да е можниот нарачател на убиството на Методија Шаторов. Во истражувањата на бугарските автори се посочуваат неколку личности што имаат интерес Шарло да не ја преживее војната, што би значело и можен мотив за негово убиство. Сомнежите уште повеќе се зголемуваат ако се земат предвид констатациите што биле запишани во судско-медицинскиот акт за смртта на Методија Шаторов, подготвен од д-р Давид Попов, по извршената аутопсија на 16 септември 1944 година. Во извештајот стои дека смртта настанала околу 9 септември, значи неколку дена по ранувањето. Во заклучокот на судско-медицинскиот акт стои дека „смртта на Методи Шаторов на околу 44 години се должи на крвавење во десната градна половина и силниот глад. Покојниот е ранет со огнострелно оружје со еден куршум, во десната градна половина, левиот зглоб и левото бедро. При тие дејства покојниот добил големо крвавење во десната градна половина, а совршено празните тенки црева и дел од дебелото црево, како и празниот стомак, покажуваат дека по ранувањето живеел доста долго време – неколку дена, гладувајќи за време на престојот во планината… “ Важно е да се истакне дека оригиналниот документ, односно извештај не е најден. Во 1950 година д-р Давид Попов бил испрашуван од комисија на Околискиот комитет на БКП-Пазарџик, раководена од Стојан Танев, еден од присутните потписници на судско-медицинскиот акт, кој го барал оригиналниот извештај од аутопсијата на Шаторов од 16 септември. Две години подоцна д-р Попов повторно бил распрашуван и тогаш од него била побарана копијата на извештајот, која за среќа тој сѐ уште ја чувал. Инаку, по капитулацијата на Бугарија, меѓу населението, особено меѓу борците-учесници во вооружените настани 1943-1944 година, владеат победничко расположение и желба за осуда и казнување на предавниците што биле во служба на профашистичкиот владејачки апарат. Во таква атмосфера безусловно било прифатено обвинувањето дека убиството на Методија Шаторов го има извршено војникот Андреа Андреев, кој е осуден на 15 години затвор, без притоа да бидат расветлени многубројните нејаснотии и контроверзии во извештајот и во истрагата. Според оваа верзија, убиството на Шаторов го има извршено војникот Андреа Андреев, а најжесток поддржувач на оваа варијанта е генерал Атанас Самарџиев. Генералот тврди дека Шаторов е убиен во престрелка од војниците и дека не постои мотив неговите соборци да се извршители на убиството“, констатира д-р Николова, додавајќи дека верзијата во врска со војникот Андреев има многу недостатоци, односно изјавите на испитаните војници не се поклопуваат помеѓу себе, особено околу паричникот, сликата, оружјето на „партизанот“, кој, според нивните изјави, пукал со пушка, а се знае дека Шаторов носел пиштол, а не пушка. Исто така се разликуваат и изјавите во делот на идентификувањето на забите. Дали еден од забите на Шарло бил златен, како што тврди Ангел Рогачев, или сребрен, според Пешов, или, пак, според мислењето на заболекарката Веселка Стојанова, „немало начин во таква позиција некој да може да ги види забите на ранетиот“.

Партизаните не направиле ништо за да го спасат ранетиот командир?

„Во изјавата на осудениот војник Андреа Андреев стои дека при спуштањето во клисурата војникот Христо Пашов здогледал партизан на околу 30-40 метри од нив, кој се обидел да пука, но пукал во празно. И двајцата возвратиле. Партизанот паднал ранет, а кога се приближиле до него му ја соблекле јакната, ги пребарале џебовите, му го зеле паричникот и од него извадиле слика, по што Пашов му ја одзел бомбата, ја подигнал пушката, го удрил со неа и го опцул. Кога слегле во селото, од подофицерот Лазаров дознале дека партизанот што го убиле е Методи Шаторов. Според изјавата, пак, на Георги Велин, кој заедно со Иван Белчелов биле присутни за време на стрелбата кон партизанот, за кој се претпоставувало дека е Шаторов, кон него стрелал Пашов, по што Велин и Белчелов заминале од местото, а со ранетиот партизан останале Андреев и Пашов. Во секој случај, останува сомнежот и дискутабилно е прашањето зошто било потребно да се даде нарачана изјава за да се идентификува убиениот партизан како Методија Шаторов и дали навистина Лазаров знаел дека тоа е Шаторов. И на крајот, кому му беше потребно да ја експлоатира наивната фалба на војникот Андреев дека го убил Методија Шаторов, па дури и да го осуди за тоа. Во јануари 1952 година бил испрашан и Владимир Бојаџиев, учесник во оружениот судир на Милеви Скали, еден од последните партизани што ги сретнал ранетиот командир Методија Шаторов. Раскажува како при повлекувањето во правец кон Белово со уште еден соборец, го откриваат ранетиот Шаторов: Во еден момент слушнавме стенкање и застанавме. Полека наближивме до ранетиот, застанавме до него од јужната страна, ако се има предвид дека тој лежеше на стомак со насока на главата кон исток.
Го прашавме кој е. Тој ја подигна главата и нѐ запраша: ’Вие кој сте’? Мојот другар му кажа: ’Другар командир, вие ли сте?’ Тој продолжи да стенка… ’Ве ранија ли?’ Тој кажа: ’Да’, и кажа, ’ве молам, дајте ми малку вода’. Ние не му дадовме бидејќи имавме предвид дека е тешко ранет… Тој се обрна со молба да го убиеме… Сигурно проценил дека ние нема да го направиме тоа: ’Ве молам, другари, дајте ми ја пушката јас да се самоубијам’. Ние не го направивме ни тоа. Другарот го запраша: ’Што ви направија’, а тој одговори: ’Ме ограбија’. Другарот праша: ’Што ви зедоа’, а тој одговори: ’Пиштолот, часовникот, новчаникот и кондурите’ Тој беше голем човек на раст не можевме да го земеме со нас. Тргнавме во насока југозапад по клисурата, за да најдеме наши другари и да се вратиме. Но не се вратиле. Во 1980 година во Пазарџик повторно бил истражуван случајот со убиството на Шарло и за таа цел истиот Владимир Бојаџиев бил повикан да даде изјава за она што се случило на Милеви Скали.
Бидејќи Бојаџиев со уште еден свој соборец последни го виделе жив на 4 септември во 22 часот. Дискутабилно е зошто соборците-учесници од Милеви Скали, иако знаеле дека станува збор за командирот на Зоната, не направиле ништо за да го спасат или, пак, да пријават дека е ранет“, подвлекува д-р Соња Николова, која во моментот работи на зборник на документи „Спомени за Методија Шаторов-Шарло од неговите соборци во Бугарија“ и на идеите за федерации во Југоисточна Европа.

Дали со осудувањето на војникот Андреа Андреев се скри вистината за вистинскиот убиец?

Според д-р Николова, по 1950 година во Бугарија се формираат неколку комисии за повторно да се поведе истрага за убиство на Методија Шаторов-Шарло. По распитот на учесниците во случувањата на Милеви Скали, партизани и војници, во 1952 година завршува истрагата за можната вмешаност на Љубен Гумнеров во убиството. На 23 април 1952 година е изработен протокол, потпишан од пет луѓе и потврден од заменик-министерот на МВР, генерал-мајор Георги Кумбилив. Според заклучокот од истрагата е констатирано дека Љубен Гумнеров не е убиецот на Методија Шаторов. Во архивот на МВР во Пазарџик се чува и друг документ-извештај, составен на 25 ноември 1951 година од комисијата што била одредена да направи истрага и увид на местото. Во протоколот е опишано местото каде што најверојатно е убиен Шаторов и постои скица направена од генерал Семерџиев. Но, според д-р Николова, останува нејасно зошто во извештајот е запишано „умрел 24 часа по последното јадење“, кога од судско-медицинскиот акт е јасно дека ранетиот Шаторов живеел 4-5 дена по ранувањето. Карактеристично е што сите извештаи се полни со недоследности, па и невистини поврзани со убиството на Шаторов. Неизбежно се поставува прашањето колкав беше и дали воопшто имаше интерес од страна на бугарските државни органи да излезе на видело вистината за смртта на Методија Шаторов. Според Тодор Балкански, кој подолги години студиозно го има проучувано убиството на Методија Шаторов, постојат 18 верзии за лажните сторители на убиството на Шаторов, додека пак кај Илија Стефанов, кој исто така бил посветен на расветлување на трагичниот настан на Милеви Скали, постојат 3-4 верзии за неговото убиство. Во секој случај, присутни се неколку дилеми во однос на прашањето кој и зошто го убил Методија Шаторов. Според аутопсијата, Методија Шаторов умира неколку дена по неговото ранување, или на 8/9 септември. Пукано му е во грб и е погоден со 9 мм куршум од пиштол, а се осудува војник што е вооружен со пушка!? Андреа Андреев е војник во бугарската војска што е обвинет за убиството на Шаторов и осуден на 15 години затвор, и покрај големите недоследности во истрагата. Се поставува прашањето дали истрагата беше спроведена објективно и докрај и дали со осудувањето на војникот Андреа Андреев се скри вистината за вистинскиот убиец на Шаторов. Во последните мигови, при повлекувањето на Милеви Скали, со него се наоѓаат членовите на раководството на штабот и тие ја знаат последната позиција на Шаторов. На 9 септември раководството од партијата испраќа потерница да се бараат партизаните што недостигаат од одредите, но тоа не се прави за Методија Шаторов. Трупот е пронајден и донесен во Пазарџик дури на 15 септември. Вршени се повеќе службени истраги, но сите истраги набргу се затвораат, и покрај тоа што извештаите меѓу себе се контрадикторни, со многу противречности и недостатоци.
Во секој случај, сите верзии може да се групираат во три групи, смета д-р Николова. „Според првата верзија, Шаторов е убиен од војник/ци на бугарската војска, во оружената пресметка на Милеви Скали, на 4 септември 1944 година. Како фактички убиец бил посочен, обвинет и осуден на 15 години затвор, војникот Андреа Андреев врз основа на неговата наивна фалба дека тој лично го застрелал командирот на зоната! Според втората верзија, убиец на Методија Шаторов е негов соборец, човек што заедно со него се повлекува на Милеви Скали и, во моментот кога се отвора оган од страна на војската, пука во грбот на командирот. Причините што како аргументи се наведуваат во интерес на оваа верзија се нетрпеливоста помеѓу самите раководители, меѓу кои особено се истакнува Љубен Гумнеров, но постои можност истото тоа да било извршено и од Стојан Попов, па дури и од Атанас Семерџиев. Според третата верзија, убиството на Методија Шаторов го врши човек од Југославија или од неговата родна Македонија, директно нарачано од Јосип Броз-Тито. Како причина се наведува спорот помеѓу двајцата револуционери и осудата на смрт што во тајност од страна на Тито и ЦК на КПЈ му била изречена на Шаторов, по спорот околу македонската партиска организација. Во тој контекст е интересна изјавата на Илија Стефанов, кој се сеќава на 1964 година, кога на 31 август на Милеви Скали се собрале над 20.000 лица од округот, а меѓу нив и Тодор Живков, Добри Џуров, Атанас Семерџиев и окружните раководители. Тогаш сосема случајно го слушнал разговорот на група од 5-6 луѓе, меѓу кои имало и воени лица. Деталите ги заборавил, но се сеќава дека ја спомнале смртта на Шаторов и дека бил погоден со куршум од оружје какво што немало ниту во полицијата ниту во војската?! Тоа нѐ доведува и до верзијата дека убиството на Шаторов е извршено од луѓе на Јосип Броз, а нарачателот на убиството можеби е самиот Јосип Броз. Денес сѐ почесто е присутна оваа верзија во која се даваат некои интересни детали за наводната вмешаност на Јосип Броз во убиството на Шаторов. Имено, се споменува дека за да се увери во смртта на Шаторов, Јосип Броз го испраќа Светозар Вукмановиќ-Темпо и го задолжува да му донесе доказ – фотографија од мртвиот Шаторов.
Телото на Шаторов било ексхумирано и сликано од страна на Темпо. Видлива е сличноста помеѓу случајот „Шаторов“ и случајот „Благоја Паровиќ“. Како што Паровиќ бил убиен од главниот Титов егзекутор Беговиќ и сликан како труп, така овде на ист начин се бара да се слика и мртвото тело на Шаторов.“