Премиерот Зоран Заев со владината делегација што го придружува во рамки на официјалната посета на Република Албанија,  по средбата со албанскиот премиер Еди Рама, денеска во Тирана  се сретна и со претседателот на Парламентот на Република Албанија, Грамоз Ручи.

На средбата, како што соопшти владината прес-служба, биле  истакнати политиките на премиерот Заев како политики на визија и посветеност и успех за Република Македонија, но и на земјите од целиот регион.   

Договорот од Преспа на средбата бил посочен како историски договор што ги отвори историските перспективи на нашата држава во НАТО, поради што е изразена целосна поддршка на интеграциите на Македонија.   

Премиерот Заев се заблагодарил за брзата постапка на ратификацијата на Протоколот за прием на Република Македонија во НАТО во албанскиот Парламент и посочил дека  бенефитите  почнуваат да се чувствуваат за граѓаните.   

-Ги пробивме сите рекорди за странски инвестиции, зголемен е  БДП-то , намалена е невработеноста, се качуваат платите. Во тек е заокружување на клучните реформи. Очекуваме ЕУ да ги вреднува овие резултати на Република Северна Македонија во јуни – рекол премиерот Заев.   

Тој ја нагласил одговорноста и на власта и на опозицијата во важните  евроинтеграциски  процеси. На состанокот било посочено дека дијалогот е многу важен за демократскиот развој на државите и нивните европски перспективи.   И од двете страни било посочено е дека се силно посветени на стратешката определба за успех во јуни.  

Заев потенцирал и дека во Македонија успешно функционира концептот едно општество за сите. Ја нагласи како одлична соработката меѓу Република Македонија и Република Албанија и посебно ги потенцираше граничните олеснувања, градењето доверба меѓу двете институции и  инфраструктурното  поврзување, како придонес кон мобилноста на луѓе и стоки.   

Премиерот Зоран Заев е во официјална посета на Тирана со вицепремиерот задолжен за европски прашања, Бујар Османи, министерот за надворешни работи, Никола Димитров и заменик министерот за култура, Владимир Лазовски.