Фото: Маја Јаневска-Илиева

Проблемите настанаа со некомплетното воведување на здравствените електронски картички, во кои требаше да бидат внесени и здравствените досиеја на пациентите. Така, сега пациентот, доколку самиот не се погрижил за својот здравствен картон, при евентуалната промена на матичниот лекар, негово пензионирање или други околности поради кои тој веќе не е активен, тешко може да дојде до својот здравствен картон, кој, освен тоа, веќе не е ниту редовно ажуриран

Обидите за темелни реформи и парцијалните решенија што произлегоа од тоа произведоа дополнителни проблеми и за пациентите и за здравствениот систем во државата. Така, пациентите сега, меѓу другото, се жалат дека немаат ниту картони ниту електронска евиденција на нивната медицинска историја. Проблемите настанаа со некомплетното воведување на здравствените електронски картички, во кои требаше да бидат внесени и здравствените досиеја на пациентите. Така, сега пациентот, доколку самиот не се погрижил за својот здравствен картон, при евентуалната промена на матичниот лекар, негово пензионирање или други околности поради кои тој веќе не е активен, тешко може да дојде до својот здравствен картон, кој, освен тоа, веќе не е ниту редовно ажуриран.
Скопјанката Елена Т. е една од тие со слично искуство.

– Променив неколку матични доктори од различни причини. Секој од нив ми отвораше нов картон. Сега немам податоци за примените вакцини, терапии, лекови и слично. И со воведувањето на електронските картички се направи забуна. Потребна е сериозна промена на одредени делови во здравствениот систем – посочува Елена Т.
Доктор Лилија Чолакова Дервишова, претседателка на Здружението на приватни матични доктори, вели дека, според Законот за медицинска евиденција, матичните доктори се должни за секој пациент да архивираат здравствен картон, кој ќе ги содржи сите податоци за здравствената состојба на пациентот, податоци за анализите што ги има правено, контролните прегледи и друга здравствена документација. Матичните доктори имаат обврска да ги чуваат здравствените картони на пациентите 15 години од последниот внес на податоци или по смртта на пациентот.

Докторката посочува дека целата документација за пациентите е во хартиена форма, иако во минатото имале иницијативи таа да се направи во електронска форма, со што би била подостапна и за специјалистите и за докторите од клиниките.
– Иницијативите за електронското здравствено досие за пациентот пропаднаа. Последната беше во 2014 години, но ништо не се промени. Постојано имаше некакви изговори за негово воведување. На тој начин ќе се олеснеше работата на матичните лекари, како и услугата кон пациентите. При промена на матичните доктори, пациентите сами треба да го подигнат здравствениот картон и да го однесат кај новиот доктор. Ако не го направат тоа, докторот ќе треба да им направи нов здравствен картон, каде што ќе ги вметне податоците за здравствената состојба на пациентот што сам ќе ги посочи – објаснува докторката Чолакова Дервишова.

Според неа, добро е секој нов матичен доктор да има увид во она што го испитувал претходниот доктор кај конкретниот пациент. Така ќе има комплетна слика за состојбата на пациентот и ќе може веднаш да преземе конкретни чекори.

Основната медицинска документација содржи лични податоци за поединецот (ЕМБГ, датум на раѓање, пол, име и презиме, име на еден од родителите, припадност на етничка заедница, вероисповед, брачна состојба, образование, занимање, адреса на постојано живење, место, општина, статус во вработувањето и основа за здравствено осигурување), медицински податоци, податоци за здравствена состојба (дијагноза, датум на посета, планираните посети, број на лекарот, терапија, упатување, причина за привремена неспособност за работа, причина за смрт и социјална анамнеза на семејството) и податоци за медицинска нега и други податоци што се поврзани со грижата за пациентот. Во основната медицинска документација влегуваат и наоди, изјави, мислења и други документи поврзани со здравствената состојба и укажаната здравствена заштита.

Со воведувањето на електронските картички требаше да се отвораат вратите за целосна имплементација на електронско здравство во нашата држава.
Основните податоци за осигуреникот што ќе се наоѓаат на картичката ќе овозможеа и меѓусебна електронска комуникација помеѓу матичните лекари, болниците, специјалистите и другите субјекти во здравствениот систем.

Проблемите со нивното воведување се појавија кога требаше да се избере фирма што ќе ги печати. Тогаш некои од картичките останаа недопечатени, Дополнителен проблем настана кога важноста на картичките што беа испечатени во 2011 година истече, бидејќи безбедносниот код на картичките беше со важност од пет години. Тогаш истече важноста на околу 46.000 електронски здравствени картички, а беа испечатени и над 103.000 други картички, кои осигурениците ги платија, но не ги добија.

Електронските здравствени картички требаше да ги користат осигурените лица и здравствените работници. Со нив требаше да се овозможи идентификација на сите корисници, контролиран пристап до податоците и остварување на правото на одредени услуги во здравствениот систем, а медицинските податоци што требаше да бидат на картичката да овозможат подобар квалитет на здравствените услуги, брза реакција при итни случаи.

Од Министерството за здравство тогаш велеа дека во здравствените информатички системи што ќе ја користеа електронската здравствена картичка ќе се овозможеше воведување електронски здравствен картон, електронски рецепт, електронско закажување прегледи и други услуги, што ќе значеше намалување на бројот на двојни прегледи и ќе се овозможеа брза комуникација и консултации помеѓу примарната, секундарната и терцијарната здравствена заштита, поквалитетна услуга и намалување на ризикот од погрешни стручни одлуки.

Фото: Игор Бансколиев

[email protected]