Министерството за внатрешни работи, во соработка со партнерите од глобалната коалиција за борба против тероризмот и „Сириските демократски сили“, во текот на изминатото деноноќие приведе седум македонски државјани за кои постојат основани сомненија дека како странски терористички борци активно учествувале во војните во Сирија и во Ирак

Безбедносната состојба во Македонија е стабилна, нема организиран радикален исламизам, но постои можност да се појават радикални поединци што, злоупотребувајќи ја верата, може да создадат проблеми во периодот што следува. Со вакво размислување домашните безбедносни аналитичари ја коментираат завчерашната акција на Министерството за внатрешни работи, кое во соработка со партнерите од глобалната коалиција за борба против тероризмот и „Сириските демократски сили“ во текот на изминатото деноноќие приведе седум македонски државјани за кои постојат основани сомненија дека како странски терористички борци активно учествувале во војните во Сирија и во Ирак.

Иако во официјалниот билтен на МВР не беа прецизирани локациите каде што полицијата ја извршила успешната акција во која беа лишени од слобода седумтемина македонски државјани С.Р. (1990), Џ.А. (1993), Б.Ф. (1994), О.Ж. (1987), Е.О (1994), И.Ш. (1977) и А.М. (1995), за кои веќе била распишана меѓународна потерница за учество во странски војски, но и по претходно поднесени кривични пријави во рамките на полициските акции „Ќелија 1“ од август 2015 година и „Ќелија 2“ од јули 2016 година, според пишувањата во медиумите многу веројатно повторно станува збор за селата во северозападниот дел на земјава. Според МВР, оваа акција е уште еден показател дека институциите на Македонија имаат капацитет и кредибилитет да се справат со актуелните безбедносни предизвици и се сериозен партнер во глобалната коалиција за борба против тероризмот.

Коментирајќи ја полициската акција, која впрочем е продолжение на акциите „Ќелија 1 и 2“, во кои беа лишени од слобода, а подоцна и осудени на казна затвор повеќе од 15 лица обвинети за учество во странска војска, аналитичарите објаснуваат дека засега нема знаци на организирани групи што би дејствувале против Македонија, но сепак во земјава има поединци што шират радикална идеологија, односно има поединци за кои постои сомневање дека се дел од регионална поврзаност на исламистички радикали што се повратници од боиштата на Блискиот Исток. Тие велат дека реална закана за Македонија постои, но не е голема, односно не е од највисок степен, како што е во некои западноевропски земји во овој момент. Познавачите на состојбите објаснуваат дека радикализмот, организираниот криминал и глобалниот тероризам одат заедно под рака, односно се дополнуваат. Тие советуваат дека во меѓувреме треба да се прават научни испитувања, безбедносните органи да останат будни, а институциите тесно да соработуваат. Образложувајќи ја последната полициска акција, но и опасноста од повратниците од странските боишта, безбедносниот експерт Милан Стефановски вели дека поканата за Македонија да почне пристапни преговори со НАТО е важна одлука и за зајакнување на политиката на одбрана и превенција и за борбата против тероризмот и за ваквиот вид безбедносен проблем. Стефановски посочува дека НАТО е асоцијација што располага со огромни разузнавачки и друг вид ресурси и оти преку Алијансата и соработката со сите служби, државата ќе ја зголеми моќта да превенира евентуални обиди за тероризам.

– Македонија, како и Бугарија, но и Србија и Косово, е патот преку кој следбениците на екстремистичките идеологии најчесто минуваат кон Европа.
Во Македонија сме сведоци дека всушност има и одредени структури во државата што ги поддржуваат овие радикални струи, па, оттука, овие лица може лесно да си најдат одредена логистика преку која би можеле да преземат некаква акција со која би се загрозила и безбедноста на нашата држава – истакнува Стефановски. Информациите од теренот и од надлежните служби на земјите од регионот говорат за зголемување на бројот на повратниците од боиштата, така што, според Стефановски, засега е најважно земјите на Балканот да имаат зголемена размена на безбедносни информации меѓусебно, но и со другите организации како Европол, Интерпол но и НАТО.

Од друга страна, безбедносниот експерт Благоја Марковски тврди дека по минатогодишните напливи на мигранти, земјите во ЕУ, но и надвор од неа, не можат да бидат стопроцентно сигурни дека тие нема да станат цел на терористички напад. Според Марковски, иако Македонија не е цел на можни терористички напади од овие организации, разузнавачките капацитети на земјава треба да бидат на штрек од евентуални безбедносни предизвици на кои предупредуваат западноевропските безбедносни организации.

– Речиси сите земји на Балканот, вклучувајќи ја и нашата, се подложни на опасности на микролокациско нивно – вели Марковски.
Тоа, според него, треба да предизвика претпазливост на институциите во земјава.
– Македонија не е многу интересна ниту како територија ниту пак како популација. Но, во исто време, земјава може да биде интересна, бидејќи во неа има околу 200 граѓани што беа на боиштата и се вратија задоени со исламскиот радикализам. Тоа укажува дека треба да бидеме реално подготвени за можни вакви дејства, но не да сееме страв и паника кај граѓаните дека она што се случува во Европа и светот може да ни се случи и овде – заклучува Марковски.
Во меѓувреме новинската агенција АФП пишува дека соседно Косово е „дувло за џихадисти“.

– Како што е познато, од просторот на Балканот, претежно од БиХ и Косово, но и од Македонија, голем број радикални муслимани заминаа за Ирак и Сирија, каде што се бореа на страната на најозлогласената терористичка организација на сите времиња – Исламската држава. Од околу 300-те косовски државјани радикални муслимани што заминале во Ирак и Сирија, околу 50 загинале во борбите, а 120 од нив се вратиле во земјата, од кои околу 90 биле уапсени од косовската полиција досега. Косовското правосудство со затворски казни од две до четири години минатиот месец веќе осуди шестмина државјани на Косово затоа што се бореле во редовите на џихадистичките групи во Сирија, наведува АФП.


Внимателно со борците повратници

Само во изминативе три години во земјава се приведени и осудени над десетина млади мажи што војувале во странски војски и се поврзуваат со тероризам. Некои од десетиците уапсени терористи се осудени во предметите „Ќелија 1 и 2“ како повратници од боиштата во Сирија, односно за врбување и финансирање исламистички терористи, но и за учество во странски војски. Меѓу нив и оџата од џамијата „Тутунсуз“ во Скопје. Македонските државјани во изминатите години беа апсени и во странство под обвиненија за поврзаност со војните на Блискиот Исток. Последните процени на МВР се дека околу 150 македонски државјани учествувале во борбите во Сирија, од кои околу 80 лица минатата година се вратиле во земјава. Според оперативни сознанија со кои располага Управата за безбедност и контраразузнавање, досега се загинати 33 македонски државјани на странските боишта.