Фото: Игор Бансколиев

Според познавачите на случувањата, современ тренд во денешницата е да се мери индексот на моќ на светските армии. Во најновото истражување за 2020 година се опфатени 138 земји. Како е рангирана Македонија

Интернет-порталот „Глобал фајерпауер“ неодамна објави листа на 138 земји рангирани според нивната воена сила за 2020 година. На листата за воената моќ на државите, Македонија е позиционирана на 127-та позиција. За потсетување, Македонија досега само четири пати беше вбројувана во рангирањата на „Глобал фајерпауер“. Првпат во 2017 г. сајтот ја рангираше нашата војска на досега највисокото 116-то место на листата на држави. Наредната 2018 година, АРМ беше сместена пониско за 6 позиции, односно беше поставена на 122-то место на табелата. Од друга страна, лани во глобални рамки беше регистриран скок во нагорна линија и нашата војска беше сместена на 118-то место на листата на „Глобал фајерпауер“.
Во меѓувреме, познавачите на случувањата очекуваат на следното рангирање нашата земја да се најде повисоко на табелата, бидејќи тогаш се очекува и официјално АРМ да биде дел од НАТО, а тоа во практична смисла на зборот, го зголемува индексот на моќта на нашата војска на глобално ниво.

Докторот по воено-политички науки, Благоја Марковски, вели дека современ тренд во денешницата е да се мери индексот на моќ на светските армии. Тоа, според познавачот на проблематиката, се должи на мноштвото расположливи информации во светот на оваа тема.
Марковски објаснува дека за конкретното истражување на интернет-порталот „Глобал фајерпауер“, но и рангирањата слични на него, мора да се знае дека секогаш има два фактора што ги позиционираат државата или војската во светските табели.
– Првиот фактор во конкретното рангирање, од кое најверојатно зависи и различната позиција на Македонија во светската листа, е колку државата вложува во осовременувањето на своите вооружени сили и истовремено колку се инвестира во оспособувањето на оружјата и вооружените системи за максимална искористеност од војниците за заштита на уставниот и правен поредок на земјата. Вториот фактор, кој, исто така, е еднакво битен во овие рангирања е колку во истиот период другите држави, во исто време како Македонија, ги осовремениле своите војски. Тоа значи дека ако во една година нашата земја ја осовременила својата војска. Во истиот период може и други држави да го сториле истото тоа, но за разлика од нас тие го сториле истото тоа со повеќе финансии и со поголемо ниво на успех. Па оттука, некогаш дури и да вложуваме во својата војска не мора да значи дека ќе се искачиме повисоко на табелата, ако се знае дека други земји, кои се економски помоќни, инвестирале во своите војски далеку повеќе од нас – вели Марковски.

Аналитичарот додава дека рангирањето на „Глобал фајерпауер“ за наредната година би требало да ја искачи Македонија повисоко на листата, бидејќи тогаш и официјално нашата земја ќе биде членка од НАТО.
Во контекст на актуелните случувања за забележување е дека порталот извршил и рангирање на државите по континенти и по региони. Највисоко на глобалната скала на државите за годинава, сосема очекувано, стојат суперсилите САД, Русија и Кина. Следните десет места ги пополнуваат Индија, Јапонија, Јужна Кореја, Франција, Велика Британија, Египет и Бразил, а на дното се наоѓаат Либерија, Сомалија и Бутан.
Според рангирањето на армиите од Балканот, пак, најмоќна војска, со исклучок на Турција, која е на 11-та позиција во светот, има Грција. Грчката армија котира највисоко од регионот и се наоѓа на 33-то место. Зад неа е Романија, која е позиционирана на 39-то место.

Следуваат Бугарија (62), Србија (65), Хрватска (69), Словенија (100), Албанија (115), Црна Гора (123), Македонија (127) и последна е Босна и Херцеговина (133). Во листата од регионот засега единствено не се рангирани соседно Косово, кое практично и нема свои вооружени сили.
Инаку, според она што е напишано во описот на сајтот, рангирањето е извршено според единица мерка наречена индекс на моќ, која произлегува од комплицирани пресметки добиени од информации од јавни извори, како што се веб-порталот на ЦИА, социјалната мрежа Фејсбук, интернет-енциклопедијата Википедија и други. Во рангирањето не се земени предвид нуклеарните способности на оценуваните држави.
– Нуклеарната способност не се зема предвид во пресметките, а пласманот на државите на табелата се базира исклучиво врз потенцијалите на конвенционалните способности на армиите на земјите за војување на земја, во воздух и на море. Во пресметките која армија колку е моќна влегуваат вредности поврзани со ресурсите, финансиите и географијата на државите, односно повеќе од 50 различни фактори ја дефинираат конечната добиена вредност за формирање на листата на пласман – се вели во истражувањето..

Притоа се објаснува и дека на крајниот резултат влијаат и информациите за присуството на природни ресурси, членството во воени и економски сојузи, излезот на државите на море, бројноста на населението, квалитетот на инфраструктурата и конекциските врски со соседните држави, заедно со индивидуалната моќ на локалната економија.

Со влезот во НАТО се очекува скок на табелата за рангирање на македонската армија
Фото: Игор Бансколиев

Хронологија на рангирањата на Македонија
Година и позицијата на табелата
2020 127
2019 118
2018 122
2017 116


Шекеринска: Модернизација на лесната пешадија

Министерката за одбрана Радмила Шекеринска, на вчерашната средба со војниците во касарната „Илинден“, меѓу другото се осврна и на потребата од нова опрема за армијата.
– Се согласувам дека не треба да зборуваме за основни работи како чизми и униформи, ама 10-15 години се зборуваше за тој проблем и не беше решен. Оваа недела ќе почне испораката и на спортска опрема за припадниците на армијата, за кои бараме физички да бидат подготвени – информира министерката.
За следниот период, таа најави амбициозни планови за модернизирање на армијата, особено на лесната пешадија, за што се набавени 33 оклопни возила, бројка што во следните години треба да стигне над 150, како и во делот на воздухопловните сили.
– Нашата лесна пешадија, која ја лоциравме во Штип ќе биде нашиот главен НАТО-фокус, а тука ќе вложиме и обука и опрема и ќе го подмладуваме составот. Целта ќе ни биде во следните години да отвориме простор за многу професионални војници и офицери – најави Шекеринска. А.С.

[email protected]