Институтот за национална историја реагира во врска со, како што велат од таму, актуелното политичко оспорување на македонската национална историја и идентитет.

– Институтот не може да не реагира во услови кога политиките директно задираат во науката и особено кога со политички меморандуми цела една нација и историска наука се квалификуваат како фалсификаторство и се повикува на целосна ревизија на историјата на македонскиот народ и нација – се наведува во соопштението.

Од Институтот посочуваат дека евроинтеграциите на македонската нација не смее да се условуваат со ултимативно прифаќање на, како што се вели, влијанија и историски вистини од други национални историографии.

– Историјата и нејзината интерпретација мора да бидат одредни исклучиво од научна етика и претендирање кон објективност и во тој контекст не смее да се доведува во врска со потребите на политиката, ниту на било каков начин да биде условено од политичките влијанија, што е во целосна спротивност со европските демократски принципи – велат од Институтот за национална историја.

Имајќи ја предвид природата на научната мисла, која е неопходно да биде слободна и независна, а не политички условена, Институтот го изразува својот категоричен став на осуда на сите форми на политичко оспорување на македонската историографија, на македонската национална историја и идентитетот.

– Институтот нема да ја подреди својата научна дејност на било какви политички влијанија – се наведува во соопштението во кое се додава дека Институтот претставува најстара научна установа во македонската држава, чијашто дејност е приоритетно фокусирана на научното проучување на историските процеси од минатото на македонскиот народ и нација, на етничките заедници, како и на релациите со соседните балкански народи и држави.