Делегација од Специјалната болница за геријатриска и палијативна медицина од Скопје размени искуства со колегите од Специјалната болница за продолжено лекување во Дуга Реса, во текот на посетата во Хрватска, во четвртокот. Во текот на изминавата година постои интензивна комуникација и соработка помеѓу овие две здравствени установи, изразена преку желбата за средба и размена на искуства, пренесува интернет-порталот „Карловачки“.

Претставниците на скопската болница, предводени од директорката Салија Љатиф-Петрушевска, беа пречекани од директорката на дугоречката болница Вишња Михалиќ Микуљан, помошник-директорката за квалитет Јадранка Голубиќ и раководителот на одделението за палијативна нега Јосип Ковачиќ со нивните соработници. 

Покрај запознавањето со болничките одделенија и клиниката, тие разговараа за работата, видот и обемот на здравствената заштита на пациентите, нивниот престој во болницата, како и организирањето и документацијата на палијативна нега.

За разлика од Скопје, каде што пациентите на кои им е потребна палијативна нега, партиципираат со 250 евра месечно за здравствена заштита, во Хрватска ваквата партиципација ја плаќа хрватскиот Институт за здравствено осигурување. 

Делегацијата од Македонија изрази интерес за повторна средба идната година, која е планирана во Скопје, а соработката и размената на искуства ќе продолжат и во иднина. На средбата присуствуваше и водечкиот човек на Одделот за здравство на Карловачката жупанија, Предраг Кораќ, кој го поздрави ваквиот вид соработка.