Започна вториот циклус бесплатни обуки за Java програмери и софтвер тестери, едни од најбараните профили на пазарот на трудот во ИТ индустријата. На проектот организиран од Агенција за вработување на Република Македонија ќе можат да се пријавуваат невработени лица заинтересирани за ORACLE – официјална обука за Java SE8 Programmer или ISTQB – официјална обука за тестери за квалитет на софтвер.

– Иако станува збор за напредни ИТ вештини, кандидатите не е потребно да имаат претходни познавања во оваа област, односно потребно е само познавање на основните компјутерски вештини. Kандидатите потребно е да имаат минимум завршено средно образование и да бидат евидентирани како невработени лица без разлика на нивната возраст. Обуките ќе се спроведуваат во период од два до четири месеци вклучувајќи настава со користење на официјална литература, подготовка на кандидатите за сертификација и спроведување на испити за стекнување со меѓународно признаен сертификат, соопштуваат од АВРМ.

Овие обуки ќе ја зголемат вработливоста на 100 невработени лица и ќе обезбедат можност за стекнување професионални вештини и квалификации за работни места кои се барани на пазарот на трудот.

Заинтересираните можат да се пријавуваат во сите канцеларии во АВРМ, a огласот ќе биде отворен сè до целосно пополнување на предвидениот број на кандидати.