Лекување со билки и чаеви, разни природни кремови и масти без декларации но наводно природни, концентрирани капки од билки, варова вода, одбивање терапија пропишана од доктор, само затоа што во изминатиот период наголемо се води кампања против конвенционалната медицина, се само мал дел од состојбите со кои секојдневно се соочуваат здравствените работници. Негативните последици од непримањето соодветна терапија се ризик по животот на пациентите, особено доколку станува збор за посериозно заболување, за кое современата медицина, која се базира на факти и докази, има начини и можности за лекување.

На социјалните мрежи секојдневно се споделуваат разни природни рецепти за секакви дијагнози, се промовираат разни надрилекари што можат да помогнат при секакви состојби, почнувајќи од исфрлање секрет од белите дробови до лекување неплодност и, секако, на најзлокобната болест на денешнината – канцерот.

Луѓето што се на мака поради одредена дијагноза подлегнуваат на секакви препораки, а и онколошките случаи не се имуни на овие природни лекови, па така си го ставаат кревкиот живот под ризик, пиејќи варова вода, разни чаеви и масла, за кои само на Интернет прочитале дека се ефикасни во справувањето со болестите.

Достапноста на ваквите информации ги оттргнува и младите родители од медицината, па, така, има случаи кога родителите по секоја цена одбиваат на своето дете да му дадат антибиотик, иако констатираната дијагноза бара итно третирање со антибиотски лек, но и воопшто одбиваат да дадат каков било лек, па дури и оној за спуштање температура, затоа што веруваат дека современата медицина е штетна и има негативни последици по здравјето.

Но не е сѐ така црно и бело. Докторите сметаат дека алтернативната медицина треба да се користи, особено доколку науката има сознанија дека таа е добра за одредени заболувања, но никако не смее да биде единствен начин на лекување, особено во случаи кога заболувањето е посериозно.

– Кога станува збор за онколошки случај, мора да се применува терапијата пропишана од онкологот. Алтернативната терапија може да биде само дополнение на таа, никако замена – вели доктор Томе Георгиев, доктор по општа медицина во „Прима мед“.

Тој нагласува дека и кај децата кај кои состојбата поради одредено заболување не се подобрува подолго од три дена е потребен преглед од лекар, кој ќе утврди која терапија би била најсоодветна.

– Алтернативната медицина е добра, но таа е дополнение на современата. Прополисот, кој јас го сметам за природен антибиотик, секогаш би го препорачал, но не како единствен лек – објаснува тој.

Дека лекувањето само и исклучиво со алтернативна медицина е спротивно на медицинската етика смета и директорот на јавната здравствена установа Здравствен дом – Скопје и претседател на Македонското здружените за медицина на трудот, д-р спец. Злате Мехмедовиќ, кој вели дека современата медицина е медицина базирана на докази.

– Ние работиме според правилник за хоспитална култура. Тоа значи дека за секоја здравствена состојба се водиме по одреден правилник, кој, пак, е произлезен од долгогодишни анализи и студии во медицината. Работиме според протокол кон кој се придржуваме – вели Мехмедовиќ.

Тој нагласува дека во медицинската практика не може да се применува одреден природен лек доколку нема докази дека тој помага за одредената здравствена состојба.

– Доколку имаме податоци дека чајот од одредена билка е добар, во тој случај го препорачуваме, но не како единствен лек – вели тој.

Според него, современата медицина е базирана на долгогодишни испитувања, на докази, кои со текот на времето само се дополнуваат со најновите податоци. Но некои граѓани сепак одлучуваат да се лекуваат со непроверени средства и методи, кои најчесто доста скапо ги плаќаат.

Педијатарка, која поради сензитивноста на случајот сакаше да остане анонимна, вели дека неодамна имала ситуација кога родители избезумени дошле кај неа во амбулантата откако на петмесечното бебе му дале „природен“ лек како помош при растење на забите.

– Детето ми го донесоа целото со исип, со плускавци по целото тело, на лицето, на очните капаци, на устата, на гениталиите, само затоа што му дале да се напие некаковси лек од камилица за полесно растење на забите. Среќа што детето не се задушило, затоа што било алергично на камилица, а алергиската реакција останала само на исипот. Лично мене првпат ми се случува ова во мојата 30-годишна кариера, но сѐ поголем е бројот на родители што одбиваат лекови, со образложение дека не сакаат да „го трујат“ детето. Да, се согласувам, не секоја состојба бара лек, но во случаи кога јас сметам дека детето треба да прими одредена терапија, не треба да го игнорираат мојот збор, затоа што од ништо, многу лесно може да заврши со посериозни компликации – вели педијатарката.