Лекарите потенцираат дека опоравувањето од ковид-19 несомнено е процес кој подолго трае
Малаксаноста во телото и заморот не се само ковид-симптоми. Ги чувствуваат огромен дел од оние кои ја прележале болеста, а тоа трае со месеци.
Заморот, немањето кондиција или брзото губење на силата при физичка активност се чести пост-ковид симптоми, а има прележани кои велат дека дури и секојдневните едноставни задачи како облекување, туширање, па дури и враќањето на работа им претставуваат тешкотија.
Кај некои пациенти овие симптоми исчезнуваат побрзо, 2-4 недели по прележувањето на ковид-19, а кај некои можат да бидат присутни, според актуелно достапните сознанија, и 4 до 6 месеци.
Медицината се уште ги истражува пост-ковид ефектите.
Лекарите потенцираат дека опоравувањето од ковид-19 несомнено е процес кој подолго трае. Како доказ за тоа ги наведуваат податоците од достапните медицински истражувања, но и од нивната пракса.
Д-р Бојан Трајковски, матичен лекар кој работи и во домашна посета, вели дека заморот и малаксаноста во телото на пациентите се должи на падот на имунолошкиот систем.
– Секој вирус прави малаксаност, односно делува на имунолошкиот систем. Со ковидот тоа дојде до израз. Кај некои пациенти е потребно време за опоравување – посочува тој.
Според него, нема посебна терапија која се препорачува за оваа состојба.
Вели дека, покрај редовниот внес на витамини, потребна е протеинска исхрана, одмор и редовен сон.
– Имунолошкиот систем се бустира само со добра храна и со добар сон-заклучува д-р Трајковски.
Сепак, лекарите велат дека оние пациенти кои имале потешка симптоматологија, па дури и биле хоспитализирани, ако чувствуваат долготраен замор треба да направат контролен преглед кај интернист, кардиолог или пулмолог, за да се спроведе специфична проценка на белодробната и срцевата функција. Резултатите од овие тестови ќе ја покажат моменталната физичка кондиција на пациентот.
Има случаи кога пациентите треба да посетат и физиотерапевт, кој може да направи соодветни вежби и да го води пациентот низ процесот на рехабилитација.