Секој ден имаме новозаразени по 300 жители од државава, а тоа значи дека вирусот се уште постои и ја чека најмалата можност да се развива, а потоа при почеток на развивање ни одзема недела до две да може да стопираме нешто. Уште од самиот почеток кога ја добив функцијата посакувам да дојде денот кога нема да има рестриктивни мерки. За жал, се уште имаме рестриктивни мерки, истакна денеска министерот за здравство Беким Сали во врска со тоа дали е поволна епидемиолошката состојба во земјава.
Тој посочи дека на секоја седница на Комисијата за заразни болести олеснуваат по некоја мерка, но, како што рече, не можат се одеднаш да олеснат. На новинарско прашање што би било следно олеснување, истакна дека за тоа ќе одлучи Комисијата за заразни болести.
– Таму има дебата. Јас дадов предлог до нив, еве и јавно ќе кажам, на една од седниците да ве поканиме и вас да видите како се дебатира внатре во Комисијата. Верувајте толку е кристално јасна ситуацијата, јасна е сликата за епидемиолошката состојба што и вие ќе добиете информации точни и навремени што, кога и како треба да се одлучува – рече Сали.
Одговарајќи на новинарско прашање, Сали потенцира дека во рамки на караванот за вакцинација против ковид-19 има одзив и во секој пункт има нови кандидати за вакцинација и за прва, втора и трета доза.
– Не можам да кажам дека сме сосема задоволни од одѕивот, затоа што нашите очекувања се да се зголеми процентот на нововакцинирани, а со тоа да се почувствуваме и побезбедни за справување со ковид-19. Сѐ уште не е завршен караванот за да кажеме колку проценти е зголемен одзивот, меѓутоа минимално е зголемен, додаде Сали, одговарајќи на новинарски прашања откако претходно даруваше крв во рамки на крводарителската акција во просториите на Чифте Амам во Старата скопска чаршија, што ја организира Министерството за здравство во соработка со Институтот за трансфузиона медицина, а во пресрет на 7 Април – Светскиот ден на здравјето.