Секојдневните статистики покажуваат дека сепак, смртноста е далеку од намалена, а и клиничките слики кај оние кои се заразиле со омикрон не секогаш се лесни
Готово е со короната, барем во Македонија, вели епидемиологот Драган Даниловски потврдувајќи дека омикрон предизвикува за околу 50 проценти полесна клиничка слика во однос на делта сојот.
Тој за „Нова Македонија“ даде појаснување за епидемиолошката состојба, со оглед на неизвесната ситуација поради бројот на забележани смртни случаи, наспроти надежта дека омикрон-сојот ќе донесе крај на пандемијата.
Даниловски потврдува дека омикрон предизвикува за околу 50 проценти полесна клиничка слика, што оди во прилог на размислувањата на епидемиолозите според кои разликата помеѓу омикрон и делта-сојот е голема, што би значело дека болниците ќе беа преполни ако во овој период преовладуваше делта-сојот, односно дека бројот на смртни случаи ќе беше далеку поголем.
– Значи, да, полесно се прележува, ама просечно земено. Исто така и стелт омикрон. И тоа го регистрираме на терен. Ако беше делта, сега веројатно ќе имавме неколкукратно повисок број и на хоспитализирани и на починати – вели Даниловски.
Тој, сепак, истакнува дека нема ништо збунувачко во епидемиолошката состојба.
– Текот на епидемискиот бран се движи токму според предвидувањата. Пикот на нови позитивни случаи помина уште на 23 јануари. Десетина дена подоцна, во првите денови на февруари помина и пикот на смртните случаи. Опаѓа бројот на хоспитализациите. Се бележи стабилен надолен тренд на епидемиската крива – посочува Даниловски.
Според него, зголемениот број позитивни случаи во училиштата беше за очекување со почетокот на учебната година.
– Тоа не го ремети надолниот тренд на епидемискиот бран. Така било отсекогаш со респираторните инфекции во почетокот на секоја учебна година. Ако стелт омикронот стане доминантен, а позаразен е за 30 проценти во однос на оригиналниот омикрон, ништо страшно нема да се случи! Само, можеби малку ќе се забави надолниот тренд на епидемиската крива. Готово е со короната, барем во Македонија – заклучува д-р Даниловски.
За жал, Даниловски смета дека нѐ очекуваат епидемии на пост-ковид синдром, на психички растројства, како и пораст на малигните и кардио-васкуларните заболувања, но и епидемија на сиромаштија, како последица на пандемијата.
Комисијата за заразни болести пред два дена ја оцени епидемиолошката состојба во државава како подобрена, но не и добра, поради фактот што е зголемен бројот на нови ковид случаи меѓу децата од шест до 14 години. Комисијата апелираше до граѓаните да примат трета доза вакцина, како најдобар начин за заштита од тешки симптоми, хоспитализација и смрт.
Вкупната бројка на ковид-дијагностицирани лица во нашата земја од почетокот на епидемијата изнесува 289.797, бројот на оздравени пациенти е 272.184, на починати е 8.829, а бројот на активни случаи изнесува 8.784 лица.