Мери Бошкоска, фотографка

Прилепчанката Мери Бошкоска, иако по професија е професорка и работи на Економскиот факултет во Прилеп, последните години е многу посветена на уметничката фотографија. Откако од пред две и пол години започна да се занимава со фотографија, како членка на Фото-кино клубот од Прилеп, учествувала на голем број фотографски натпревари и изложби и била добитничка на награди и признанија. Бошкоска во ФКК од Прилеп е проектна менаџерка и членка на претседателството. Вели дека на обуките и работилниците, кои секоја година се реализираат за актуелните членови фотографи на клубот, како и од реномирани фотографи од земјата и од странство, научила за разликата помеѓу т.н. снепшоп (фотографија направена спонтано и брзо, најчесто без уметничка или новинарска намера) и уметничката фотографија.
– Настаните кај мене побудија љубопитност и желба да научам повеќе за дигиталната фотографија и софтверите за уредување на фотографиите. Кога фотографирам, станувам посвесна за прекрасните мали нешта што нѐ опкружуваат секој ден. Забележувам работи, како светлина, сенки, сцени, обрасци и бои на кои воопшто не обраќав внимание до неодамна, а кои сега се составен дел од моите фотографии. Ја избрав уметничката фотографија за хоби затоа што е возбудлива и креативна. Фотографијата ми помогна да ја откријам и развијам уметничката страна во мене за која досега не знаев дека постои – вели Бошкоска.
Ја интересираат архитектонската и уличната фотографија, за кои е потребно трпение, а понекогаш дури и храброст за да пристапи и да се фотографираат апсолутни странци.

– Секоја фотографија е сама по себе предизвик. Тоа е како еден вид загатка што сакам да ја решам. Настојувам да ги искористам моето знаење и вештини за да овековечам еден момент на што помоќен начин, а сѐ со цел подолго време да го задржам вниманието на гледачот. Бидејќи ја обожавам старата архитектура, особено онаа што е во распаѓање, мистеријата што ја создаваат тие напуштени објекти ме инспирираше да го започнам мојот тековен проект насловен „Мистеријата на напуштените места“. Напуштени објекти има насекаде низ светот и сите во себе носат интригантни приказни, историски појави и прашања што чекаат да бидат одговорени. Овие објекти имаат душа и кога ги фотографирам се обидувам да доловам парче од таа душа – раскажува Бошкоска.
Досега учествувала на голем број домашни и меѓународни натпревари за уметничка фотографија, а освоила над 20 награди. Последното признание го доби за фотографијата „Осаменост“ на престижниот меѓународен натпревар „Монохром фотографи авард“, од вкупно 6.646 примени фотографии од учесници од 89 земји во светот. Вели дека наградите се признание за квалитетот на нејзината работа, но и дополнителна мотивација уште повеќе да се посвети на уметничката фотографија. Ка.М.