Во насока на ефикасно преземање на превентивни мерки со цел заштита на здравјето на граѓаните, ја информирам јавноста дека е стабилна е безбедносната состојба во општините Дебар и Центар Жупа. Во изминатото деноноќие, на целото подрачје на двете општини каде е прогласена кризна состојба не се регистрирани собирања на граѓани на јавни места, нема нарушувања на јавниот ред и мир, нема кражби или други имотни деликти и нема сообраќајни незгоди, информира техничкиот министер за внатрешни работи Наќе Чулев.
Според него, на терен, продолжуваат мерките што полициските службеници ги преземаат согласно оперативниот план, вршат обиколка низ централното градско подрачје и приградските населби, ги контролираат угостителските и другите јавни објекти (маркети, ноќни клубови, фитнес салони, обложувалници) и се грижат за доследно спроведување на мерките за спречување на внесување, ширење и за сузбивање на корона вирусот.
Непречено се спроведуваат мерките за контрола на патнички и други моторни возила за влез во Дебар и Центар Жупа. Влезот е дозволен само на лица кои се жители на општините, а истовремено оневозможен е, односно строго е забранет излезот на сите граѓани затекнати на подрачјето на двете општини. Без проблеми се одвива дотурот на храна, лекови, средства за лична хигиена и други потреби за граѓаните во двете општини.
Од страна на соседните земји за влез се затворени сите гранични премини, освен граничниот премин Деве Баир кој во моментов функционира непречено. Сообраќајот за тешки товарни возила се одвива нормално.Министерството за внатрешни работи активно е вклучено во спровод и конвој на заглавените товарни возила во меѓуграничниот простор.Министерството за внатрешни работи во изминатиот период асистираше на Државниот пазарен инспекторат во спроведување на одлуката на Владата за затворање на угостителските објекти и таа асистенција ќе продолжи и во следниот период.
„На денешната седница на Кризниот штаб предложив затворање на сите гранични премини за влез во државата. Оваа одлука очекувам попладне да биде потврдена од страна на Владата и да важи за сите патнички возила кои влегуваат во државата, освен за македонските државјани и кај оние каде има посебен економски или државен интерес.Упатуваме апел до сите граѓани строго да се придржуваат до препорачаните мерки и насоки усвоени од Владата во врска со спречувањето на ширењето на корона вирусот (ЦОВИД-19), а сите правни и физички лица строго да се придржуваат до насоките на полициските службеници.Сите оние кои ги прекршуваат дадените препораки, ќе бидат санкционирани согласно член 205 и 206 од Кривичниот законик“, порача Чулев на Фејсбук.