Техничкиот премиер Оливер Спасоивски на Фејсбук објави дека по препорака на епидемиолозите ќе остане во домашна изолација, откако беше објавено дека градоначалникот на Куманово е позитивен на коронавирусот. Спасовски заедно со министрите Венко Филипче и Бујар Османи вчера беше во Куманово каде имаше средба со Максим Димитриевски.

– Од мојот дом непречено ќе ги извршувам сите мои работни обврски како премиер и Владата ќе функционира непречено. Мерките важат за сите и не смее и нема да има привилегирани. Нема да отстапиме ни педа. Забраната за движење е забрана за сите. Забраната за групирање е забрана за сите. Здравјето и животот, тие се единствените причини за овие забрани. Забраната за движење и за групирање значи и забрана за неконтролирано ширење на вирусот. Да, животот се промени, но така е во целиот свет. Да го прифатиме овој предизвик и да го решиме со успех. Чувајте се, држете дистанца и останете дома и во добро здравје. Ќе се помолиме во домовите, во најтесниот круг на семејството, наместо во храмовите – напиша Спасовски.