Одлуката за активирање на апликацијата за следење на луѓето што имале контакти со заболени лица е преземена по иницијатива на епидемиолозите и инфектолозите во земјава, кои се повикуваат на успешните искуства со апликацијата во земји како Јужна Кореја, Јапонија, Сингапур
Во согласност со очекувањата за достигнување кулминација на пандемијата на коронавирусот во Македонија до крајот на овој месец, Владата најави дополнителни мерки, кои треба да бидат во интерес на дополнително контролирање и поуспешно зауздување на ширењето на заразата. Една од таквите мерки, односно инструменти што треба да профункционираат оваа седмица е активирање на апликацијата за следење на луѓето што имале контакти со заболени лица. Апликацијата ќе се инсталира доброволно и ќе се деинсталира за 14 дена, колку што е пропишаниот период за самоизолација. Министерот за информатичко општество и администрација Дамјан Манчевски при најавата на оваа мерка истакна дека апликацијата во исто време ќе гарантира безбедност на личните податоци на граѓаните, кои доброволно ќе треба да ја симнат на своите мобилни телефони.
– Откако граѓанинот ќе ја симне апликацијата, ќе му биде доделен број што нема врска со бројот на неговиот мобилен телефон или со матичниот број. Преку тој број ќе се следат контактите што ги имал со други лица што ја имаат симнато апликацијата на своите мобилни телефони на кои им се приближил на помалку од два метра. За да функционира апликацијата, цело време ќе треба да биде вклучен блутут. По 14 дена, податоците автоматски ќе се бришат од уредот и воопшто нема да бидат преземени во друг уред, а единствено ќе се преземаат во серверот на инфектолозите доколку имателот на апликацијата заболи, за полесно да се следат контактите што ги имал со другите лица – објасни Манчевски.
Ваквата мерка, односно одлуката за активирање на апликацијата за следење на луѓето што имале контакти со заболени лица е преземена по иницијатива на епидемиолозите и инфектолозите во земјава, кои се повикуваат на успешните искуства со апликацијата во земји како Јужна Кореја, Јапонија, Сингапур…
– Јас веќе презедов некои иницијативи да се обидеме да се справуваме со епидемијата преку воведување трасирање на контактите со помош на апликација за мобилни телефони. Теоретски гледано, би се обезбедил увид во мрежата на контакти на сопственикот на мобилниот телефон (инфициран или болен) и врз основа на тоа би се имало целосен увид во неговото функционирање и дружење и би се лоцирале сите лица со кои тој евентуално контактирал.
Тоа е нешто што навистина можеби некому нема да му биде пријатно, затоа што е навлегување во интимата, меѓутоа е неопходно, бидејќи се реализира неподносливо лесно, а бенефицијата е непроценлива. Јапонците, на пример, тврдат дека на овој начин успеале дури 80 отсто од сите случаи на болест да спречат да инфицираат некого околу себе, врз основа на тоа што веднаш реагирале со локализирање и елиминирање на сите со кои биле во контакт, кои биле веднаш тестирани – ја најави иницијатива епидемиологот Драган Даниловски уште пред да биде донесена одлуката на Владата.
Иако активирањето на оваа апликација се смета за корисна и ефикасна алатка во спречувањето на ширењето на коронавирусот, сепак по најавата за оваа мерка се појавија одредени сомнежи во јавноста за степенот на контрола на движењето што како можност го има апликацијата и можноста за некаква нејзина понатамошна злоупотреба, во смисла на загрозување на правата на граѓаните за приватност.
– Знам дека на прашањето „Дали сте за здравје или за приватност?“, луѓето ќе одберат да одговорат со првиот дел од самото прашање. Но дилемата здравје или приватност е погрешна, зашто во вонредна состојба имаме потреба од двете.
Може и без тоталитарни мерки да се запре вирусот. Мора да си го одбраниме и зачуваме граѓанскиот статус и во вонредни услови – смета професорката по уставно право Гордана Силјановска-Давкова.