Филипче одржа средба со директорите на Интерните клиники
Mинистерот за здравство Венко Филипче утринава одржа состанок со директорите на интерните клиники каде беше разгледана моменталната состојба со пополнетоста на ковид центрите, состојбата на пациентите кои таму се лекуваат, расположливоста со медицински персонал и можностите и потребата од проширување на капацитетите.
На состанокот покрај координаторот на ковид центрите на Интерните клиники професор д-р Дејан Докиќ, беа присутни директорите на клиниките за нефрологија, гастроентерохепатологија, дерматовенерологија, неврологија, Клиниката за уво, нос и грло и Кожната клиника.
Во моментов на интерните клиники има околу 20-тина слободни места, а се очекува да се направат и дополнителни исписи на оздравени пациенти. Во текот на утрешниот ден со работа ќе започне и ковид центарот на Клиниката за очни болести на кој ќе можат да се сместат 33 пациенти.
– Состојбата е сериозна и се соочуваме со силен бран на вирусот и голем наплив на болни. Наша цел е ниту еден пациент да не остане без лекарска грижа, а во исто време да не го намалиме ниту редовниот програм на клиниките за акутните и хрончните пациенти кои за тоа имаат потреба – изјави Филипче.