Во изминатите 24 часа во Прилеп е регистриран еден нов случај на заразен од ковид -19. Бројот на оздравени како што информираат од Министерството за здравство е осум лица.
Според информациите од Центарот за јавно здравје – Прилеп, досега се извршени 642 тестирања, од кои 159 биле позитивни на коронавирус. Вкупниот број на излекувани лица изнесува 68.
На Инфективното одделение во прилепската општа болница „Борка Талески“ хоспитализирани се 13 лица позитивни на коронавирус. Еден од нив е на кислородна поддршка, а останатите се со стабилна клиничка слика. Во делот за изолација се наоѓаат четворица пациенти, двајца од нив се негативни на коронавирус, а на
другите двајца земен им е брис и се чекаат резултати.
Во самоизолација се наоѓаат 236 граѓани. Во текот на продолжениот првомајски викенд, забележани се шест нарушувања на полицискиот час.
На иницијатива на графдоначалникот Илија Јованоски денеска во општинската зграда во соработка со Институтот за трансфузиона медицина од Скопје, се одржа крводарителска акција.
– Одзивот на граѓаните за акцијата беше голем, заради што ја искажувам мојата благодарност за високиот степен на покажана свест, солидарност и хуманост. Дарувањето крв секогаш е добра идеја, дури и во актуелни услови на пандемија на ковид-19, од причина што има болни на кои нашата крв им е неопходна и кои не можат и не смеат да го чекаат крајот на пандемијата. Притоа, во насока на заштита на здравјето на граѓаните кои денеска даруваа од скапоцената течност, како и заштита на здравјето на медицинските лица, во текот на реализацијата на крводарителската акција беа преземени сите безбедносни мерки, според протоколите за заштита од коронавирусот – изјави градоначалникот Јованоски, потенцирајќи дека викендот Општина Прилеп спровела акција за дезинфекција на населените места.
Инаку, општинските власти денеска одбележаа 117 години од загинувањето на македонскиот револуционер Гоце Делчев и 108 години од смртта на Пере Тошев. По тој повод, во знак на почит кон делото на двајцата великани, градоначалникот заедно со претседателот на Совет на општина Прилеп, Миле Талевски, беа положени цвеќиња на нивните спомен обележја. Почит денеска беше оддадена и на Јосип Броз Тито по повод 40-годишнината од неговата смрт. Ка.М.