Вицепремиерот на Владата задолжен за европски прашања, Бујар Османи, оствари видеоконференциска средба со министерката за Европа на Република Австрија, Каролине Едштадлер.

На почетокот на средбата Османи ја искористи шансата да ѝ се заблагодари на министерката Едштадлер за нејзината лична подршка и за подршката на Владата на Република Австрија, што во пандемиски услови кога сите беа фокусирани на настанатата криза, тие силно ја поддржаа одлуката за започнување преговори на Македонија со ЕУ. Воедно Османи ѝ изрази благодраност и за подршката во борбата против ковид-19, потенцирајќи дека само со заеднички сили можеме успешно да се справиме со настанатата криза.

Министерката Едштадлер истакна дека Австрија ја гледа нашата земја и земјите од Западен Балкан како дел од семејството на ЕУ и дека и понатаму ќе продолжат со силна поддршка, при што го спомна и новиот пакет-поддршка од ЕУ во износ од 3,3 милијарди евра, предвиден за најава на претстојниот самит во Загреб.

Меѓу другото, соговорниците дискутираа околу очекувањата од претстојниот самит ЕУ-Западен Балкан што ќе се одржи во Загреб на 6 мај, околу преговарачката рамка и извештајот за напредокот што ЕК треба да го објави на почетокот на наредниот месец.

За време на видеосредбата, Османи во однос на преговарачката рамка, која се очекува да биде презентирана од страна на Европската комисија на почетокот на јуни, потенцираше дека таа се смета за најважен документ и треба внимателно посветување на утврдените позиции на земјите членки, како и усогласување на истите со нашата земја со цел во иднина да имаме лесен и непречен тек на преговорите.

– Во периодот што ни претстои треба посветено да продолжиме да работиме и лобираме, со цел преговарачката рамка да биде поволна за сите, бидејќи во моментот кога истата ќе биде усогласена веќе нема простор за менување на правилата – додаде Османи.

За време на разговорот соговорниците заеднички се согласија дека претстојниот самит ЕУ- Западен Балкан претставува исклучителна  можност за лидерите од регионот и ЕУ да ги зајакнат своите односи и да разговараат за главните политички и економски предизвици со кои се соочуваат.