На Клиниката за инфективни болести и фебрилни состојби утрово од коронавирус почина 17-годишна пациентка од село Сопотиница, Демир Хисар. Според информациите од Министерството за здравство, младата пациентка имала хронично заболување јувенилен диабетес и не била вакцинирана.
Тегобите кај пациентката биле девет дена пред да биде примена на Инфективната клиника во Скопје. Според лекарските извештаи, на 18 октомври, пациентката за првпат побарала лекарски преглед во болницата Битола, каде била примена со ниска сатурација, отежнато дишење и болки во телото и мускулите.
Овие симптоми ги имала неколку дена пред да побара лекарска помош.
Поради сериозност на состојбата задржана е во болница и поставена на перманентна кислородна поддршка. За пациентката, поради тежината на состојбата, возраста и коморбидитетите, веднаш е организиран транспорт на Клиниката за инфективни болести во Скопје.
На 19 октомври пациентката со возило на Итна помош е донесена на Клиниката во многу тешка состојба. Во тек на престојот дошло до прогресивно влошување на состојбата, а во текот на вчерашниот дена драматично се влошиле виталните параметри на пациентката, што довело до срцево белодробно попуштање.
– И покрај сите превземени дијагностички, тераписки и реанимациони мерки пациентката денеска во раните утрински часови почина – велат од МЗ.