Состаноците и партиските активности се одржуваат согласно сите мерки за заштита, соопштија од СДСМ, откако нивни членови објавија дека се позитивни на коронавирус или дека се во самоизолација.

– Во однос на активни случаи со коронавирусот, СДСМ ја информира јавноста дека по извршените тестирања потпретседателот Мухамед Зекири и членката на ЦО, Сања Лукаревска имаат позитивен тест на ковид-19. Согласно здравствените протоколи и заради превенција, во самоизолација се сите лица кои имале ризични контакти со нив, како Дамјан Манчевски, Мила Царовска, Марјан Забрчанец и Славјанка Петровска – соопштија од партијата.

По направените тестирања, од СДСМ велат дека Царовска и Манчевски имаат негативни резултати, но остануваат во самоизолација согласно препораките.

– СДСМ од почеток на пандемијата на дело покажува што е одговорно однесување, ги почитува сите протоколи, мерки и препораки за заштита на здравјето на секој поединец. Во СДСМ состаноците и партиските активности се одржуваат согласно сите мерки за заштита, во големи простории, на соодветна дистанца, со заштитни маски и обезбедени средства за претходна и последователна лична дезинфекција. Во седиштето на СДСМ обезбеден е протокол и услови за лична дезинфекција, поставени се соодветни средства за оваа намена секаде, се прави редовна дезинфекција на сите простории, се почитува физичката дистанца како и насоките за носење заштитна опрема како маска или марама – велат од СДСМ.

Од партијата апелираат сите граѓани без исклучок да ги почитуваат мерките и задолженијата за спречување на ширење на заразата. Само на тој начин, велат од СДСМ, ќе го заштитиме личното, но и јавното здравје.