Вакцинацијата на новинарите и медиумските работници кои се пријавија на повикот и ги исполнија условите за да влезат во првата група на вакцинација почнува денеска од 8.20 до 10.30 часот во СЦ „Борис Трајковски“ во Скопје.
Во оваа група се опфатени 631 медиумски работници, кои имаат над 40 години или се со хронични заболувања.
Здружението на новинарите соопшти дека лицата кои се пријавиле на првиот повик, а кои не ги исполниле условите за оваа фаза од вакцинацијата, како и сите останати заинтересирани новинари и медиумски работници, ќе бидат земени предвид за следниот круг на вакцинација кој се очекува да биде наскоро.
Новинарските здруженија им препорачаа на одговорните лица во медиумите на денот на вакцинацијата, како и наредниот ден да ги ослободат новинарите и медиумските работници од работните обврски.
Оваа недела ќе се вакцинираат и вработените во обвинителството, судовите и инспекциските служби, со што се очекува да заврши вакцинацијата на приоритетните групи од т.н. критична инфраструктура – луѓе кои имаат многу контакти во работата. Минатата недела се вакцинираа припадниците на Армијата и МВР, дел од здравствените работници, наставниците и воспитувачите во градинките.