Според податоците за периодот од 6 до 12 август
Министерството за здравство започнува со редовни анализи на неделно ниво, која секој петок ќе ја објавува во јавноста, а се однесува на процентот на вакцинирани меѓу позитивните случаи и починатите од ковид-19 во државата. Во оваа анализа за вакцинирани се сметаат лицата кои се вакцинирани со две дози и поминале најмалку 14 дена од примање на втора доза вакцина.
Во периодот 6 до 12 август на територија на државата 3.497 граѓани биле позитивни, од кои 450 биле целосно вакцинирани, односно 12,8 отсто. Голем процент, дури 87,1 отсто или 3.047 граѓани од позитивните на ковид-19 не биле вакцинирани. Во период од една седмица на територија на државата починале 25 лица со ковид-19, а ниту еден од нив не бил вакциниран.
Министерството за здравство укажува на важноста на вакцинација, секоја вакцина која ја имаме на располагање е безбедна, ја намалува шансата од заболување, спречува тешка форма на болеста и штити од смртен исход. Министерството за здравство апелира граѓаните да се вакцинираат, само така ќе дојдеме до колективен имунитет и ќе спречиме ширење на мутации на СарсКов2.
Зголемен интересот за вакцинација, вчера се аплицирани 15.574 вакцини
Во текот на вчерашниот ден е забележан значително зголемен интерес за вакцинација помеѓу граѓаните. Вакцинацијата се одвива непречено на сите пунктови низ државата, а во тек е и теренска вакцинација. На вакциналните пунктови во државата и на терен, заклучно со вчера вакцинирани се вкупно 571.392 граѓани. Прва доза вакцина вчера примиле 8.808 граѓани, а вчера вкупно се вакцинирале 15.574 граѓани. Во државата вкупно се аплицирани 1.033.584 дози вакцини, а ревакцинирани се 462.192 граѓани.
Со последните бројки 67% од населението над 70 години имаат примено барем една доза вакцина, 64% од населението над 65 години е вакцинирано со барем една доза вакцина, 60% од населението над 60 години е вакцинирано со барем една доза вакцина и 50% од населението над 50 години е вакцинирано со барем една доза вакцина.
Граѓаните без закажан термин се вакцинираат, во постоечките вакцинални пунктовите низ државата. Процесот на теренска вакцинација се одвива на територија на цела држава, со ротации на медицински екипи во секое село, рурално населено место, населба. Сајтот вакцинација.мк е отворен за закажување на термини за вакцинација на децата.
Вакцините се безбедни и ефикасни и се единствениот начин да се победи пандемијата. Само со комплетна вакцинација се спречува тешка форма на болеста се намалува шансата од заболување, како и смртен исход од истата.