Владата преку новиот сет на економски мерки, а во знак за благодарност на медицинарите кои се бореа со коронавирусот, предвидува и 20 проценти повисока плата за два месеци. Техничкиот премиер, Оливер Спасовски, посочи дека повисока плата ќе добиваат доктори и персонал од инфективните одделенија и клиники, како и вработените во Институтот за јавно здравје, центрите за јавно здравје, тимовите на Брза помош.

– Здравствените работници во битката со ковид-19 се во првите редови и тие го заслужуваат целото наше внимание и целата наша благодарност. Заради нивната посветеност, надежта и оптимизмот во битката со ковид-19 беа реални и остварливи. Во име на таа посветеност и во знак на благодарност, во името на народот на нашата земја, докторите и медицинскиот персонал на инфективните клиники и одделенија, на Универзитетската клиника за инфективни болести и фебрилни состојби, на Институтот за јавно здравје и центрите за јавно здравје, како и сите членови на тимови од Итната медицинска помош, ќе добијат 20 проценти повисока плата, за два месеци, која ќе биде исплатена преку домашната платежна картичка – кажа Спасовски.

Претходно, Спасовски соопшти дека Владата воведува и платежни картички, ваучери и парична помош за граѓаните кои се погодени од кризата со коронавирусот. Техничкиот премиер, Оливер Спасовски, посочи дека ова е директна поддршка за стопанството, но и социјално загрозените семејства, лицата кои ја изгубиле работата, младите.