Седумнаесет пациенти и двајца вработени во Психијатриската болница во Демир Хисар се позитивни на коронавирус, објавија повеќе медиуми повикувајќи се на информации од Министерството за здравство. Ова го покажале извршените тестирања на 58 пациенти, додека биле земени брисеви на уште 29 пациенти и еден вработен од кои се чекаат резултати. Претходно, еден пациент починал поради компликации од коронавирусот.
Сите позитивни пациенти се со полесна клиничка слика и се во изолација. Еден од нив е на 27-годишна возраст, додека останатите се постари од 55 години. Еден пациент, пак, бил излечен во болницата во Битола и тој е вратен во Демир Хисар.
Во Психијатриската болница во Демир Хисар моментно има вкупно 296 пациенти. Болницата има обврска да ги лекува во установата сите заразени пациенти на кои не им е потребно лекување во болнички услови, според информациите од Министерството за здравство.