Педесет и две граѓански организации реагираат на „ненавременото и несоодветното постапување на институциите при решавањето на проблемите на ранливите и маргинализирани заедници во услови на криза“.
– Од почетокот на вонредната состојба, граѓанските активисти први излегоа на терен, направија проценка на потребите за здравствена заштита, тековно го следат остварувањето на редовните услуги за социјална заштита и секојдневно се обидуваат да ги протолкуваат новите, вонредни мерки. Воедно, барања со многу конкретни и прецизни мерки за заштита на ранливите групи граѓани, се испратени до сите надлежните институции – од премиерот, Владата, Министерството за здравство, Министерството за труд и социјална политика, градоначалниците и до главниот и локалните кризни координативни штабови. Заврши и вториот месец од вонредната состојба, и не само што нема одговор за дополнителни мерки за превенција туку, не функционираат ни веќе донесените превентивни мерки, ниту редовниот систем на социјална заштита и реализација на социјални услуги. На терен, во Центрите за социјална работа, вработените се недостапни или отсутни од работните места, а некаде дури и грубо ги разбркуваат луѓето кои им се обраќаат за она што им следува – се вели во реакцијата.
Тие ги повикуваат институциите наместо продолжување на маргинализацијата и продлабочување на структурните разлики, да ја искористат кризата како можност за создавање на новата нормалност во која ќе се креираат политики за надминување на структурните разлики кои се причината за нееднаквоста.