Фото: Маја Јаневска-Илиева

ПРОТИВ ПАНДЕМИЈАТА НА КОВИД-19 СО РАЗЛИЧНИ МЕТОДИ

Сите позитивни граѓани со симптоми добиваат решенија за изолација од 20 дена, додека, пак, позитивните без симптоми треба да бидат изолирани во траење од 10 дена. Во изолација одат и невакцинираните граѓани што биле во контакт со заразено лице. Решение за изолација не добиваат ниту вакцинираните ниту прележаните, но, сепак, според епидемиолозите, секој случај е индивидуален и со нив се постапува по процена, односно и ним може да им се определи изолација

Кој сѐ треба да оди во самоизолација по остварен контакт со лице позитивно на ковид-19 и колку дена? Ова прашање предизвикува многу нејаснотии во јавноста во овој четврти бран, бидејќи и лица што го прележале вирусот и такви што се целосно вакцинирани добиваат решенија за изолација во траење од 14 дена.
Јасно е дека со ковид се заразуваат и вакцинирани граѓани, иако нивниот процент е многу понизок од невакцинираните.
Голем број граѓани што изминатиот период се соочиле со вакво нешто се во дилема, бидејќи од една страна добиваат информации дека ако имаат две дози примена вакцина по контакт со позитивно лице не подлежат на изолација, а од друга страна епидемиолозите им одредуваат 14 дена домашна изолација. Прашуваат кој и како одредува за тоа кој и зошто треба да оди во карантин. Велат дека има многу нелогичности и во тоа колку дена трае карантинот за оние што се позитивни.

Според епидемиолозите, секој случај е индивидуален и процената за изолација често се прави врз основа на интензитетот на контактот на вакцинираното или прележаното лице со позитивниот случај.
Сепак, од Центарот за јавно здравје се децидни. Велат дека решение за изолација при контакт со позитивно лице не добиваат вакцинираните со примени две дози, по поминати 14 дена од втората доза, ниту прележаните максимум по 45 од позитивниот тест.
Решение за изолација по контакт со позитивен добиваат непрележани и невакцинирани во траење од 14 дена.

Директорот на Центарот за јавно здравје, Бесим Зекири, вели дека протоколите остануваат исти, односно решение за изолација не добиваат ниту вакцинираните ниту прележаните.
– Сите позитивни граѓани со симптоми добиваат решенија за изолација од 20 дена, додека, пак, позитивните без симптоми треба да бидат изолирани во траење од 10 дена. Додека, пак, невакцинираните граѓани што биле во контакт со заразено лице, добиваат решенија за изолација во траење од 14 дена. Тие протоколи важат секаде во Европа и во светот и ние постапуваме по нив – посочува Зекири.
Според изјавите на министерот за здравство Венко Филипче, дали и во кои случаи вакцинираните и прележаните ќе добиваат решенија за изолација, ова прашање ќе се решава индивидуално, според процените на епидемиолозите.

– Врз основа на интензитетот на контактите што заразените ги имале со лицата околу себе, зависно од тоа дали тие се вакцинирани или не, дали евентуално се направени ПЦР-тестови, и од тоа колку време е детектирано дека поминало од последниот контакт со заразениот. Врз основа на тие податоци епидемиолозите анализираат за секој од случаите поединечно. Значи, сега има различни категории, и за сите нив има различен пристап при одредување на тоа дали лицето и колку ќе оди во самоизолација – изјави министерот Филипче.
Во дневната статистика на новодијагностицирани пациенти, како позитивни се евидентираат исклучиво лицата што се тестирани во една од лиценцираните лаборатории кај нас. Секој позитивен резултат, ИЈЗ го идентификува како новодијагностициран пациент.

[email protected]