Прекршувањето на законските одредби, односно во случајот на
вонредна состојба – уредби со законска сила, не е ситуација на која треба да ѝ се прогледа низ прсти. Законите важат за сите еднакво и мора да се почитуваат, категорични се правните експерти

Ќе престанеме ли да ги изигруваме законите на сопствената држава

Последниот инцидент во скопско Ченто, кој се случи за време на полицискиот час, ги исфрли на виделина реалните предизвици во спроведувањето на мерките за превенција од пандемијата на коронавирусот, но активира и некои стари прашања, кои за македонското општество беа предизвик и кога земјата не беше во вонредна состојба. Повторно некој се обидува да го стави во втор план почитувањето на законите и владините уредби или, пак, да се пазари со истите тие, што, секако, не смее да се дозволи.

Имено, жители од населбата Ченто излегоа на протест за време на полицискиот час, како реакција на приведувањето на тројца нивни сограѓани од полицијата за непочитување на мерките за ограничување на движењето. Според првичните податоци, приведените се обидувале да ги извадат бариерите на патот што служеле за намалување на брзината на автомобилите. Но во јавноста се прошири и друга верзија за причината на протестот, дека тројцата жители на Ченто биле приведени зашто играле карти во двор.

Целата ситуација во Ченто се обиде да ја смири градоначалникот на Општина Гази Баба, Борис Георгиевски, со тврдењето дека ќе интервенира за ослободување на трите лица што биле уапсени за непочитување на забраната за движење. Токму таквата интервенција на градоначалникот на Општината Гази Баба уште истата вечер предизвика реакции на социјалните мрежи за земање на правдата во свои раце од претставниците на локалната власт, со гаранција дека прекршителите на полицискиот час нема да бидат казнети.

Од друга страна, ваквиот протекционизам или селективен приод кон законите и правото не придонесува за надминување на опасностите од здравствената криза туку само дополнително ги влошува состојбите и го дерогира функционирањето на државата. Полицискиот час важи за сите еднакво и мора да се почитува од сите, без исклучок. Воведувањето на полицискиот час е владина уредба со сила на закон за која не може и не смее да има пазарење.

По инцидентот, од МВР до јавноста беше доставено соопштение во кое се наведува дека „ќе бидат преземени соодветни мерки и против другите лица што не го почитуваа ограничувањето на движење“.
– На 13.4.2020 во 22 ч. во ПС Гази Баба од страна на полициски службеници биле лишени од слобода В.М. (19) од Арачиново, С.Р. (21) од с. Синѓелиќ и В.В. (30) од ул. Алија Авдовиќ, поради основано сомнение за сторено кривично дело по чл. 206 од КЗ на РСМ, односно непочитување на ограничувањето на движење. По лишувањето од слобода на лицата, на ул. Алија Авдовиќ, поголема група граѓани излегле на истата улица во знак на протест.

По подготвената соодветна документација, лицата се пуштени од полициската станица, а насобраната група граѓани се разотишле. Ќе бидат преземени соодветни мерки и против другите лица што не го почитуваа ограничувањето на движење – информираат од МВР.
Превентивната мерка на полициски час, за спречување на ширење на коронавирусот, се спроведува веќе три седмици, со различен степен на ограничување на движењето, кој минатиот викенд беше 61 час, а за наредниот Владата проектира карантин од 84 часа. Во овој период на спроведување на полицискиот час, речиси секогаш има голем број (повеќе од сто) прекршувања.

– Едно е сигурно – луѓето се во состојба на висок стрес од опасноста на пандемијата, а уште повеќе со воведувањето на вонредната состојба и мерките со полицискиот час. Едни мислат дека мерките придонесуваат за постигнување одредена дисциплина во справувањето со пандемијата, додека други таквите ограничувања ги раздразнуваат. Добро е кога се преземаат мерки за заштита на населението, што укажува дека на ситуацијата се пристапува со сериозност. Но кога ќе се претера со мерките за дисциплинирање, луѓето реагираат на различен начин, па и властите треба да ги преиспитаат мерките.

Во секој случај, прекршувањето на законските одредби, односно во случајот на вонредна состојба – уредби со законска сила, не е ситуација на која треба да ѝ се прогледа низ прсти. Законите важат за сите, и во вонредна состојба – вели Гордан Калајџиев, професор на Правниот факултет при УКИМ.

Истовремено, професорот Калајџиев укажува дека иако во јавноста ќе има обиди за политизирање на случајот преку нагласување на етничкиот момент (и од страна на прекршителите како онеправдени по таа основа, како и од дел од јавноста – дека токму затоа се привилегирани пред законот), тоа не треба да биде толкувано така, односно инцидентот треба да биде исклучиво правно процесиран.


Чулев: Пријави за сите учесници на протестот во Ченто

Mинистерот за внатрешни работи Наќе Чулев вчера соопшти дека се поднесени кривични пријави за тројцата сторители на сторено кривично дело според членот 206 од Кривичниот законик, и покрај изјавата на градоначалникот на Општина Гази Баба дека ќе ги ослободи притворените. Министерот порача дека МВР постапува неселективно кон сите граѓани во државата и постапува секаде каде што се прекршени законските одредби.

Исто така, Чулев најави дека ќе се прегледаат видеоснимките од настанот и ќе следуваат пријави и за тие што учествувале и го поттикнувале протестот во Ченто.
Министерот Чулев изјави дека не ја исклучува и политичката заднина на инцидентот.
– Политичката заднина не го оправдува ова поведение и зборува за тенденциозно загрозување на граѓаните предизвикано од политички побуди. Граѓаните свесно се изложија себеси на ризик што може сите нас скапо да нѐ чини – изјави Чулев.