Техничкиот премиер Оливер Спасовски, во придружба на дополнителната заменичка министерка за внатрешни работи, Славјанка Петровска и директорот на Бирото за јавна безбедност, Сашо Тасевски синоќа направи увид на неколку полициски пункта непосредно по стартувањето на одлуката на Владата за ограничување на движењето на граѓаните на целата територија од 21 до 6 часот наутро.
Ова е моментот кога за првпат во историјата воведуваме ограничено движење на граѓаните заради спречување на ширењето на коронавирусот. Знаете сите дека сега ништо не е исто, во вакви околности и однесувањето е вонредно и одговорно.
Граѓаните да ја почитуваат мерката и укажувањата на овластените полициските службеници. Многу е важно е да се почитуваат и укажувањата и рестрикциите и за дневни движења.
Одговорноста е на сите нас. Не е само на здравството, на полицијата, на армијата, туку оваа мерка треба да ја почитуваат сите граѓани на нашата земја. Колку поодговорно се однесуваме, толку поодговорно ќе се справиме со целата оваа ситуација.
Јас во оваа прилика апелирам до секој граѓанин на одговорност, апелирам да останат дома, да не се излегува без нужна потреба од домовите. Само така ќе застанеме на патот на ширењето на вирусот.
Сакам да се заблагодарам на здравствените работници, на сите полицајци, на Армијата, на пожарникарите, на комуналните претпријатија, на новинарите. Сите сме заедно на фронтот на битката за здравјето, за животот на граѓаните. Сакам да бидеме сплотени, единствени, да ги почитуваме одлуките на институциите, да се држиме заедно и да останеме здрави и да победиме во оваа битка.