Време на измешани чувства
За личност што е зависник од работа подолго време, најчесто врзана за книгите и компјутерот, (само)изолацијата не е никаков предизвик. Работи го она што го сакаш и тогаш работата ти е задоволство, а не обврска – тоа е мотото што ме водело секогаш. Продолжуваш таму каде што си застанала… Иако живата комуникација со колегите и студентите ми недостига, еве, се учиме и на „учење на дистанца“. Се обидувам да им укажам дека живеат не само со време обременето со страв и огромни предизвици, туку и дека сето она што инаку би им го предавала сега можат да го видат во живо (вонредна состојба, ограничување на човековите права, функционирање на институциите, управување со кризи итн.).
Но има едно „но“ – она што најсилно ме погоди во оваа нова состојба, се две работи. Првата е сознанието дека државата има моќ со декрет да одреди кој е стар (загрозен, ранлив, во ризична група и сл.). Досега годините немале никакво значење за мене (како кај Конески „детето во мене е затворено во кафез од брчки“), но сега некој однадвор ми ја одредува судбината и тоа не е пријатно чувство, особено за жена што секогаш се сметала за силна. Второто сознание, исто така, се однесува на лицитирањето на слободата што сум ја земала „здраво за готово“: тоа што децата, па и остатокот од семејството, живеат илјадници километри не било толку драматично, било прашање на избор! Сега ми е тешко што знам дека и да сакаме, и да имаме авиобилети, и визи, и време – виша сила нè држи дистанцирани, дека ова лето нема да си ги гушнам внучето и ќерките.
Различните алатки за комуникација малку ја ублажуваат таа болка, но не сосема – допирот добива неверојатна вредност, а не знаеме кога ќе можеме да си ја дозволиме и да уживаме во неа.
Ова е чудно време: време на измешани чувства на благодарност за она што го имаме (за разлика од луѓе што немаат покрив на глава, а се изложени на истите тие или и повеќе опасности), страв за најблиските (мајка ми е на 88 години), носталгија за минатото (кога ги разгледувам фотоалбумите дури и оние од поново време), загриженост за иднината на земјата и светот, бурна интелектуална активност и размисла за тоа како по кризата, како да не паднеме со духот и желбата за обнова… Но има и многу смеа! Некои мислат дека тоа е недолично, но благодарение на размената на мемиња, досетки, илустрации, карикатури, видеоизведби – ми се чини дека никогаш не сум се смеела толку гласно и од срце како овие неколку недели.
Смеата окуражува, ги прави нештата поподносливи и дава надеж дека духот не потклекнал. ТВ-вести и ТВ-дебати не следам од „здравствени причини“, на Јутјуб гледам предавања или дебати на брилијантни умови, тука се и филмовите, читам колку што можам повеќе, и тоа со музика. Размислувам за животот, ама и за смртта. И не ја сметам за мрачна тема: напротив, смртта е придружничка на животот од моментот кога се раѓаме и затоа помислата на неа не ме парализира и не ме плаши. Не размислувам како да (пре)живеам со вирусот, туку како да живеам, со полни гради, до последен здив. И не само сега, туку и кога ќе помине ова зло – а ќе помине, како и сѐ друго.
Билјана Ванковска, универзитетска професорка