Животот е убав
Ова е време кога се обидуваме да направиме пролетно чистење на сѐ непотребно, но и да најдеме некаков мир и ред во мислите и одговор на многу неизвесности и стравови, кои допрва ни претстојат. Едно од нештата што ги правам, како и многумина други веројатно, гледам филмови. Но еден филм ми ги окупира мислите. Роберто Бењино не ни сонуваше што ќе ја снајде неговата Италија, со која сочувствуваме сите, но можеби знаеше колку ќе ни помогне во конкретната ситуација кога го правеше филмот. Овие денови, растргнат помеѓу обврските на сопругата, која работи во аптека и секојдневно раскажува за несовесноста на граѓаните во конкретните околности и покрај сите препораки, потоа синот полуматурант, кому му пропаднаа еуфоријата за екскурзијата, запишувањето во гимназија и последната година од еден животен циклус, и родителите, кои иако родени во виорот на војната и паметат и пострашни денови, сепак се видно загрижени за своето здравје, се чувствувам токму како Бењино, кому побрзо и како реалноста што ни се случува да ја направам поднослива.
Не е едноставно. Иако јас сум веројатно една од последните генерации што ја преживеаја ЈНА, распаѓањето на Југославија, војната во Македонија, СВОЗ, Цивилна заштита, редиците за леб, млеко, шеќер, кафе, бензин и што ли не, во бескрајната транзиција, која никако да заврши, првпат се наоѓам во вакви околности. Реално, вака го замислував животот во пензија и од тој аспект седењето дома не е воопшто лошо и лично лесно се навикнувам, малку се во суштина работите што ми недостигаат. Сепак се надевам дека овој лош филм ќе има среќен крај и дека сите ќе излеземе помудри.
Но како стигнавме до ова лошо сценарио, е моето прашање. Веќе неколку години во лични и професионални разговори, претстави и размислувања сфатив дека тешко или, подобро речено, никако не се снаоѓаме во светот што го владеат и раководат просечните, свет во кој личниот интерес, борбата само за превласт и пари, како и лицемерството на сите нивоа, стана невозможен и неодржлив.
Лично, секогаш сум имал симпатија кон луѓе со трагична биографија, кои и во невозможни услови се борат и се надеваат на подобар живот. Но речиси секогаш заклучокот е ист – човекот не успева да извлече поуки од големите трагедии и постојано ги прави истите грешки, за жал. Се надевам дека барем овој пат, со оглед дека очигледно никој не е поштеден во светот од актуелниот вирус, нештата ќе се променат на подобро.